Македонија
Времето утре сончево и потопло, со температури до 14 степени
Времето утре ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, во западните делови од западен, а во источните од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната од 8 до 14 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 12 степени.
В сабота ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец. Во западните делови ќе има услови за слаб дожд. Под влијание на влажен бран в недела кон крајот на денот ќе има локални врнежи од дожд, на планините од снег. Врнежите ќе продолжат и в понеделник кога ќе се прошират насекаде и на места ќе бидат пообилни. Ќе дува засилен северен ветер, а дневните температури ќе опаднат за неколку степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“ подготвува нов закон за правична застапеност, но не само за етничките заединици, туку и за маргинализираните групи
Коалицијата „Вреди“ подготвува закон за правична застапеност, кој ќе биде предмет на јавна дебата следната недела, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Како што рече, од сите страни е констатирано дека алатката балансер не функционираше, па неопходен е закон во којшто ќе бидат вклучени сите маргинализирани категории во општеството, а не само етничките.
„Правичната застапеност е уставна категорија и секогаш кога нешто е уставна категорија, треба да постои и закон“, рече Таравари.
Уставниот суд, оваа недела, донесе одлука со која се укина балансерот.
Македонија
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод еврејскиот празник Јом Кипур
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, упати порака до претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, и до сите нејзини припадници, по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.
„Почитувани,
Дозволете ми на сите припадници на Eврејската заедница во Македонија да ви посакам „денот на деновите“, најсветиот еврејски празник – Јом Кипур да го поминете во мир и хармонија, во добро здравје и во радост и љубов.
Одбележувањето на празникот на покајувањето и искупувањето, со молитва и пост, ни ја посведочува длабоката и жива духовност на Еврејскиот народ. Горди сме што иако мала, еврејската заедница во Македонија, суштински придонесува за нашето општество чувајќи ги сопствените традиции и крепејќи ги заедничките вредности, соживотот и заедништвото.
Да го избегнеме вителот на светските геополитички искушенија и надминеме домашните премрежија. Да останеме сплотени и солидарни неуморно работејќи на просперитетот и напредокот на нашата татковина.
Мојата порака ја завршувам со традиционалниот поздрав за Јом Кипур – G’mar chatima tova.
Гордана Сиљановска Давкова“, се вели во честитката.
Македонија
Тошковски: Отворивме нова канцеларија на управни служби на МВР во Сарај, ги доближуваме услугите поблиску до граѓаните
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во рамки на посетата на Полициското одделение во Сарај ја отвори новата канцеларија на управните служби на МВР, која ќе овозможи побрз пристап на граѓаните од овој дел на Скопје до услугите на МВР.
Тошковски истакна дека отворањето на канцеларијата, трета по ред за краток период, како дел од низа други кои ќе бидат отворени е со цел граѓаните да имаат побрз пристап до документите и услугите кои им се потребни.
„Денеска сме во рамки на Полициското одделение на територија на Општина Сарај и како што и најавивме освен што започнавме со отворање на управни служби во рамки на Општина Јегуновце, Општина Липково, еве денес и во рамки на Општина Сарај започнуваме со спроведување на севкупната акција која е насочена кон доближување на услугите на министерството за внатрешни работи до граѓаните. Од денес, граѓаните на Општина Сарај ќе можат реално да пристапат во рамки на својата Општина, да не треба да патуваат до пунктовите во рамки на градот Скопје, поедноставно и побрзо да го завршуваат процесот на вадење на лични документи. Овде ќе може да се заврши целосниот процес од отпочнување на постапката се до земање на документот“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот нагласи и дека се планира со новиот закон за внатрешни работи и полиција, Полициското одделение во Сарај треба да прерасне во Полициска станица со што ќе се зголеми бројот на полициски службеници што ќе резултира со зголемување на безбедноста во самата општина и околните места.