Македонија
Вчера, 667 сообраќајни прекршоци во државата: 90 возеле побргу од дозволеното, 67 немале возачка

На подрачјата на осумте Сектори за внатрешни работи како резултат на вчерашните активности на полициските службеници во рамки на сообраќајните контроли беа издадени вкупно 667 платни налози, по превземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП) и по основ на Законот за возила, извести МВР.
Притоа, по однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број 253 мерки се однесуваат на непрописно паркирање. Потоа, 90 санкции се однесуваат на непочитување на брзината на движење, па следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола 67, прекршоци за некористење на сигурносен појас 40 и за користење на мобилен телефон при возење 31 санкција.
Во рамки на контролите, во три случаи евидентирано е минување на возило на црвено светло, шестмина возачи управувале возило под дејство на алкохол, забележани се два прекршока заради неносење заштитна кацига, а санкционирани се и четири пешаци.
Покрај ова евидентирани се и 18 нерегистирани возила како и 11 возила кои што биле технички неисправни согласно ЗВ, соопшти МВР.
Од Министерството додаваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утринава, во 06 часот и 04 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Република Грција, на 125 км јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.4.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Без струја денеска дел од Карпош, Сарај и Бутел

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од село Горно Нерези и Горни Крушопек, општина Карпош и општина Сарај;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Призренска бр. 1, 2, 3, 6, 8, 9, 18, 22 и 53, општина Бутел.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд

Времето денеска променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд. Процесите ќе бидат поинтензивни особено во источните делови, каде ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 12 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со честа појава на повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 20 л/м2), појава на грмежи и силен ветер (над 70 км/ч). Во понеделник попладне на планините ќе има услови врнежите да преминат во снег.