Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје

Утре од 09.30 до 12.00 часот, од страна на Министерството за внатрешни работи, во координација со Амбасадата на САД, ќе се спроведе оперативно-тактичка вежба, при што за сообраќај ќе бидат затворени ул.„Лазар Личеновски“, ул.„Самоилова“ и бул.„Никола Карев“, на потегот од ул.„Македонско-косовска бригада“ до ул.„8 Септември“ во Скопје.
Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
За таа цел МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива вежбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Мицкоски јавно призна дека е против ЕУ

Денеска Христијан Мицкоски отворено пред целата јавност призна дека е против интеграција во Европската Унија, велат од СДСМ.
„Со денешното признание Мицкоски потврди дека никогаш не бил за членство на државата во ЕУ, дека свесно и намерно ги правел сите блокади и опструкции кои ја оддалечуваа државата од интеграција во ЕУ. Денеска Мицкоски дејствуваше заедно со својот коалициски партнер Левица предводена од Димитар Апасиев која е единствената партија со отворена поддрка за руската агресија врз Украина. Лажните вести што синхронизирано се шират овие денови на дело ја потврдија и анти НАТО и анти ЕУ коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“, додаваат во реакцијата од партијата на власт.
Мицкоски и Апасиев, оценуваат од оваа партија, се само истурен дел од оваа коалиција чија цел е државата да биде закочена, да има тензии и да бидеме оддалечени од демократскиот свет.
„Ништо ново не се деструкциите, блокадите, обидите за нови поделби од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, но тие секогаш биле препознавани и поразувани, така ќе биде и сега. Протест за кое било прашање е уставно гарантирано право, но процесот на широки консултации се уште е во тек со сите политички и општествени чинители“, прецизираат во писмената реакција од СДСМ.
Македонија
Град Скопје: Бројни интервенции по невремето кое го зафати Скопје

По денешното невреме кое ја зафати територијата на градот Скопје, екипите на ЈП Водовод и канализација, ЈП Улици и Патишта, ЈП Комунална хигиена, ЈП Паркови и зеленило интервенираа на сите локации кои беа критични места од насобрана вода, откорнати дрвја или паднати гранки , санирање на сообраќајна сигнализација и чистење на површините.
„Од страна на ЈП Водовод и канализација се изврши листење на сливниците заради овозможување на апсорбирањето на водата. Расчистени беа критичните точки подвозникот кај Стоковна куќа, булеварот Илинденска на неколку точки, булеварот Партизански одреди, улицата Јордан Мијалков, неколку локации во општина Карпош, улицата Павел Шатев, кај полициската станица на Бит пазар, клучката пред Ист Гејт и останати интервенции. Атмосферските и канализационите линии на овие локации се чисти. Екипите на ЈП Улици и патишта интервенираа во санирање на паднат семафор на клучката кај Т.Ц. Мавровка и извршија санирање на искривен полупортал на булеварот Свети Климент Охридски“, соопшти Град Скопје.
Дежурната екипа од Секторот Дрвореди на ЈП Паркови и зеленило, појаснуваат од таму, попладнево веднаш реагирала на расчистување на теренот од паднати гранки и дрвја низ градот.
„Се врши интервенирање на булеварот Цветан Димов, на неколку локации на потегот кај Бит пазар, и Т.Ц Мавровка, на улицата Ѓорѓи Димитров во Кисела вода, на две локации во Градскиот парк, на улиците Орце Николов, Чаирска, Даме Груев, Никола Тесла, Цицо Поповиќ, Банатска, улицата Аминта Трети, на неколку локации на булеварот Свети Климент Охридски, улицата Мирослав Крлежа, на булеварот Теодосиј Гологанов, улицата Орце Николов, на булеварот Крсте Петков Мисирков, улицата Иван Козаров, во Жена парк, како и на булеварот Кочо Рацин. Веќе се целосно расчистени неколку локации, а екипите на ЈП Паркови зеленило ќе продолжат со расчистувањето и во вечерните часови и во текот на утрешниот ден“, е наведено во соопштението од Град Скопје.
„Апелираме до граѓаните доколку е потребно интервенирање на некоја локација од страна на службите на Градот Скопје или екипите на јавните претпријатија да ги пратат своите барања на [email protected] за соодветно постапување“, додаваат надлежните.
Македонија
Асен Василев: „За македонското прашање си ја завршивме работата“

„Ние ја завршивме нашата работа за македонското прашање“, изјави во Бугарија Асен Василев, кандидатот за премиер од „Продолжуваме со промената“, пренесуваат бугарските медиуми.
„Колегите од Република Северна Македонија сметаат дека овој предлог е пробугарски“, рече Василев на излезот од средбата за коалициски преговори, одговарајќи на новинарско прашање.
„Треба да бидеме задоволни со тоа што овој пробугарски предлог им создава проблеми на соседите, а не на нас“, нагласи Василев.