Македонија
Гаши на средба со група нерезидентни амбасадори со седиште во Софија: разговарано за економската размена и искуствата на дел од земјите аспиранти за ЕУ
Претседателот на Собранието Африм Гаши оствари средба со група нерезидентни амбасадори за нашата земја, со седиште во Софија, кои се во посета на Скопје.
На средбата присуствуваа нерезидентните амбасадори на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Пакистан и Куба, кои изразија поддршка за нашите институции и волја за продлабочување на односите и за јакнење на соработката со Република Северна Македонија, меѓу другото, и на ниво на парламенти.
Гаши, поздравувајќи ги амбасадорите, истакна дека Северна Македонија вложува многу во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не
само со земјите од регионот и со членките на Европската Унија, туку и пошироко.
Тој рече дека очекува почести средби во иднина и возвратни посети на билатерално ниво, како можност за динамизирање на соработката меѓу со овие држави со кои споделуваме многу заеднички вредности.
На средбата се разговараше за можностите за поголема економска размена, како и за размена на искуства со дел од земјите аспиранти за членство во ЕУ, како Грузија и Молдавија.
Во тој контекст, Гаши ги запозна амбасадорите со чекорите што ги презема Северна Македонија во насока на исполнување на стратешката цел за евроинтеграција.
Беа разменети мислења и околу можностите за продлабочување на парламентарната соработка на билатерално ниво, при што беше истакнато дека парламентите се местата каде што се продлабочува дијалогот, во интерес на граѓаните.
На средбата присуствуваа и пратеници од Собранието на РСМ, кои се претседатли на пратеничките групи за соработка кои ги покриваат овие земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерство за култура: Исплатени се средствата наменети за самостојните уметници за 2026 година
Министерството за култура и туризам информира дека се исплатени средствата наменети за самостојните уметници за 2026 година дека во текот на утрешниот ден ќе бидат достапни на нивните сметки.
Доцнењето, како што појаснуваат настанало поради дополнителни усогласувања и проверки во постапката на пресметка и координација со надлежните институции, со цел исплатата да биде реализирана во согласнот со важечките законски и финансиски прописи.
„Министерството за култура и туризам останува посветено на навремено и континуирано исполнување на обврските кон самостојните уметници, како и на унапредување на системските решенија за надминување на вакви ситуации во иднина“.
Македонија
Мицкоски вчера првпат му се јавил на државниот јавен обвинител: Савески за одлуката за мазутот дознал по нејзиното донесување
Државниот јавен обвинител Ненад Савески вчера првпат телефонски разговарал со премиерот Христијан Мицкоски.
Според информацијата од обвинителството, во разговорот не станало збор за детали од конкретни предмети, вклучително и за одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за „ТЕЦ Неготино“.
„Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, се истакнува во информацијата од обвинителството.
Од таму се додава дека предметниот јавен обвинител од ОЈОГОКК одлучува самостојно.
„Имено согласно чл.3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“.
Во напишаното се додава дека уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите.
Македонија
Филков за запирање на истрагата за мазутотoт: Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГОКК и одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена одлуката
Одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем, вели министерот за правда, Игор Филков во неговата реакција за запирање на истрагата за мазутот.
„Во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница.
Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана.
Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука“.
Истовремено, како што вели, очекува Советот на јавни обвинители и надлежните институции да отворат прашање за одговорноста на Ислам Абази.
„Затоа што ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“.
