Македонија
Герасимовски ѝ го исчисти и ѓубрето на Данела Арсовска
Една од основните одговорности на секој градоначалник е да обезбеди чистота и поголема хигиена на јавните површини како клучен фактор за квалитет на живот во општината или градот. Но, кај нас овие приоритети изгледа се ставени некаде на крајот како последни за нивна реализација. Пример за тоа се нефункционалните комунални служби на Град Скопје за одржување на чистотата во централното градско подрачје.
Откога Центар минатата недела се соочи со неисчистени јавни површини и преполни контејнери со смет, што е работа на Град Скопје, кој е надлежн за чистење одредени улици во оваа општина, градоначалникот Горан Герасимовски почна голема акција за чистење.

Најпрвин Герасимовски тргна да го отстранува сметот од улиците каде што надлежност имаат токму Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска. Се чистеше на повеќе локации во Центар – Дебар Маало, Маџир Маало, на Кале, улицата 50 Дивизија под Клиничкиот центар, понатаму улицата Рузвелтова и околу „Соборниот храм“. Се исчисти купиште ѓубре што Град Скопје како надлежна институција повеќе од две недели го нема исчистено.
Оваа активност одекна позитивно во јавноста затоа што ниеден градоначалник досега хигиената ја нема ставено во прв план на работа и на комуникација, а тоа треба да биде основната задача. Акцијата трае една недела, а позитивни се коментарите и од страна на граѓаните.

Во изјави за медиумите Герасимовски постојано упатува апели до надлежните институции да се фатат за работа, но утрово граѓаните повторно се соочија со ваква неубава глетка како минатиот викенд, каде што градската администрација потфрли во чистењето на општината.
„Утрово, повторно се соочивме со истата грда глетка од минатата недела. Контејнери преполни со ѓубре, а Град Скопје не исчисти ни викендов. Нашите општински служби веднаш го отстранија сметот што беше оставен на неколку локации во Центар. Постојано го повикуваме градското претпријатие ‘Комунална хигиена’, но одговорот е дека имаат недоволен број вработени и стара дотраена механизација, која е делумно расипана. Но, ова не е оправдување! Штом ние, со нашиот број вработени и со сегашната механизација, успеваме да го решаваме проблемот, сигурен сум дека доколку ни се дадат поголеми ингеренции, механизација и број на вработени, хигиената ќе биде на доста повисоко ниво. Центар не чека, Центар чисти!“, напиша актуелниот градоначалник на Центар, Герасимовски.
Во акцијата, која е за поздравување, активирани се 120 хигиеничари, кои работат во две смени. Нашата редакција дава голема поддршка на кампањата за чистење на општина Центар, потребно е да се грижиме за средината во која живееме, важно е да ги едуцираме граѓаните, но и младите, дека отпадот се фрла во канта за ѓубре, а службите мора поажурно да си ја извршуваат работата за која се платени.
Ова е повторна слика кога летото 2023 година на горештини, кои го надминуваа 40. степен, контејнерите беа претрупани со ѓубре. Герасимовски и тогаш прв иницира акција за чистење и миење на улиците по што се активираа и другите градоначалници, кои ѓубрето од општините го носеа директно на депонијата „Дрисла“.
Герасимовски со години е гласен во потребата за одржување јавна хигиена. Тој неколкупати досега со свои ресурси и механизација чисти и онаму каде што Општината нема ингеренции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

