Македонија
Герасимовски: За еден месец, изречени 90 прекршочни казни на Зеленото пазарче

Акциите на Секторот за инспекциски работи за расчистување на нелегалните препродавачи во околината на Зелениот пазар се спроведуваат во континуитет веќе месец и половина.
Овој пат и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, им се придружи на комуналните инспектори и редари од општинскиот сектор за инспекциски работи и заедно со припадниците на МВР вршеа контроли во реонот на Зеленото пазарче.
„Инспекциските контроли на нелегалните препродавачи веќе даваат конкретни резултати. Ги нема расфрланите отпадоци, ослободени се јавните површини и граѓаните може слободно да се движат и да си ги завршуваат секојдневните обврски. Жителите од нас бараат да се справиме со препродавачите, тоа го дискутиравме и на средбите со граѓани, го дискутиравме и со раководството на ‘Скопски пазар’ и мислам дека сме на добар пат кон конечно решение. Акциите ќе продолжат и во наредниот период сè до конечно менување на навиките на препродавачите“, изјави Герасимовски.
Комуналната инспекција, почнувајќи од февруари, спроведе серија засилени инспекциски акции на локации околу Зелениот пазар, со цел санкционирање на лицата што препродаваат производи на зелена површина пред зградите и на тротоарите околу пазарот. Постапувајќи по пријави на граѓани за продажба на производи на јавна површина, на затекнатите нелегални препродавачи од комуналните редари им се изречени казни во висина од 150 евра. Во изминатиот месец, по спроведените акции во околината на Зеленото пазарче, изречени се 90 прекршочни платни налози во согласност со Законот за јавната чистота.
Засилените инспекциски контроли на комуналната инспекција ќе продолжат и во наредниот период на повеќе локации во општина Центар, секаде онаму каде што се појавуваат вакви проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вечерва зградата на Владата свети во сино во знак за подигање на свеста за аутизмот

Вечерва зградата на Владата свети во сино, во знак на 2 април Светски ден за подигање на свеста за аутизмот. Ова на социјалните медиуми го објави премиерот на Македонија Димитар Ковачевски.
„Давам неизмерна поддршка и почит кон лицата со аутизам, нивните родители, семејства, пријатели, наставници, соученици. Како Влада се залагаме да обезбедиме системски решенија за грижа за децата и возрасните со аутизам. Не сме сите исти, ниту по физички изглед, ниту по карактер, но сите во оваа држава имаат исти права“, напиша Ковачевски.
Како што вели тој, да ги прифаќаме различностите, бидејќи секој е различен и посебен на свој начин.
Македонија
Од понеделник пороен дожд

УХМР соопшти дека во понеделник, под влијание на нов влажен и постуден бран, ќе има врнежи од дожд кои попладне на повеќе места ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.
Следните три дена, ќе преовладува студено и ветровито време со повремени локални врнежи, претежно во западните делови.
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Македонија
Левица: ДУП-от во Карпош ДПМНЕ го поддржа уште 2017 година

Со гласањето на Деталниот урбанистички план за блок ССЗ 01.10 кој се наоѓа во Злокуќани. се исправа неправдата која е нанесена на жителите во овој дел од општина Карпош, поголем дел Ромско население, поради тоа што со децении не е усвоен ДУП, а со самото тоа не може да управуваат со нивните имоти и да ги уживаат правата кои ги имаат останатите жители на Општина Карпош, велат од политичката партија Левица.
Со овој план, од партијата посочуваат дека конечно ќе може да се легализираат куќите во ова населено место.
Дополнително, со нивната легализација ќе може голем дел од домаќинствата да се инкорпорираат во јавниот комунален систем и да добијат квалитетна услуга, се вели во соопштението.
Од Левица потенцираат дека ова е еден од ретките ДУП-ови што нема елементи на бетонизација, а зачудени се од одлуката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не го поддржа овој ДУП.
„Земајќи го во предвид ова како и придобивките за жителите на овој дел од Општина Карпош, за очекување беше истиот да го поддржат сите советнички групи. Изразуваме зачуденост од одлуката овој ДУП да не го поддржат советничката група на ДПМНЕ. Токму советничката група на оваа политичка партија во март 2017 година го изгласаа овој ДУП во оваа форма“, посочуваат од партијата.
Велат дека нивната хистерична реакција е веќе видена во Советот на Општина Карпош, особено по „замрсените“ односи меѓу лидерот на партијата Христијан Мицковски и градоначалникот Стевчо Јакимовски.
„Сакаме да напоменеме дека во овие политички игри ДПМНЕ ги вовлече и советничките од Независни кои без соодветно образложение гласаа против жителите на Злокуќани. Нападите кон локалниот огранок на Левица во Општина Карпош се за очекување и претставува прелсикување на политиката која ДПМНЕ ја води на централно ниво, па за секој нивни неуспех, за секое национално велепредавство криви се Левица, а не нивните функционери кои во Собранието на Република Македонија за многу штетни закони гласаа заедно со СДС и ДУИ“, истакнаа од Левица.