Македонија
Објавен jавниот повик за реконструкција на фасади на колективни станбени згради

Oпштина Центар објави Јавен повик за пријавување на заинтересирани заедници на сопственици на станови од подрачјето на Општина Центар за реконструкција на фасади на колективни станбени згради. Реконструкцијата на фасади опфаќа обновување на постојната фасада со нова термичка (енергетски ефикасна) фасадна обвивка, односно фасаден систем, на постојни станбени згради на територија на Општина Центар.
Јавниот повик ќе се реализира со селекција кoja ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ и предуслов за добивање финансиски средства покрај останатата документација да се обезбеди и правосилно РЕШЕНИЕ за реконструкција на фасада во согласност со законските прописи. Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда за колективно домување, но не повеќе од 1.000.000,00 денари за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинство сопственици на посебни делови од станбената зграда апликантот.
Право на учество на Јавниот повик имаат заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради чија зграда е постара од 25 години; сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбената зграда; сами да ги заменат прозорците и надворешните врати од заедничките простории и др. Предмет на разгледување нема да бидат објекти кај кои веќе е извршена реконструкција на фасадата пред објавувањето на овој Јавен повик. Барањата за реконструкција на фасадата на станбената зграда се однесуваат на постојниот објект како целина (не поединечни влезови) преку поставување термоизолациона фасада на станбената зграда. Барањата што се однесуваат на делумна реконструкција нема да бидат земени предвид.
Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на образец што може да го подигнат на пријавницата во Архивата на Општина Центар во Барака 6, или на интернет страницата на општината. Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради пријавите за учество во Јавниот повик може да ги доставуваат од 1.6.2023 година до исцрпување на средствата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Охридската гимназија жали за проблемот со матурантката: „Наша заложба е да помогнеме“

На матурантката од Охрид ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија, велат од средното училиште Свети Климент Охридски од Охрид.
„Макфакс“ претходно објави дека на ученичката Тијана Силјаноска денес не и’ било дозволено да го полага првиот екстерен испит од државната матура оти нејзиното име го немало на спиокот, а за проблемот нејзиниот татко информираше преку медиумите.
Од училиштето изразија жалење за проблемот и како што кажаа нивна заложба е да излезат во интерес на матурантката и родителите.
Додадоа дека списоците за верификација на податоците за државна матура биле доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ.
И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, велат од гимназијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции.
Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование, учениците полагаат 2 екстерни и 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача.
Македонија
Матурантка не полагала државна матура оти ја немало на списокот, таткото на девојчето бара правда

На матурантката Тијана Силјаноска од Охрид денес и’ било оневозможено да го полага првиот дел од државната матура.
Нејзиниот татко во изјава за медиумите кажа дека името на ќерка му го немало на списокот, па девојчето било вратено дома и е на седативи.
Родителот вели дека неговата ќерка сакала да се запише на факултет по физиотерапија во Словенија, но без матурата таа е спречена, а вината ја лоцира кај администрацијата и директорката во гимназијата кои направиле грешка.
Таткото повика на одговорност и кажа дека реагирале до сите надлежни инспекторати.
Министерот за образование Шаќири најави дека ќе го испита случајот.
Македонија
Ковачки: Ахмети да одговори дали на работна група е разговарано за редефинирање на државата

ВМРО-ДПМНЕ бара од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да одговори дали на работна група за уставните измени било разговарано за редефинирање на државата.
Пратеникот Драган Ковачки денес од Пехчево порача дека власта и должи објаснување на македонската јавност, дали „онаа експертска група т.н составена од 20-тина џабе лебојадачи преговараат односно договараат редефинирање на државата“.
Ковачки истакна дека одговор на тоа прашање не треба да го одговори Ковачевски, затоа што тој не е релевантен.
„Ковачевски не е способен да си ја поднесе самата оставка доколку не ги праша Џафери или Ахмети. Одговор на ова прашање треба да даде пратеникот Али Ахмети“, рече Ковачки.