Македонија
Герасимовски: Повеќе пешачки премини за поголема безбедност во општина Центар
На вчерашната трибина „Заедно одлучуваме“, која се одржа во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, присутните граѓани од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, побараа зголемување на безбедноста на улиците.
„Во овој дел на општината ги реконструиравме улиците Рајко Жинзифов и Петар Поп Арсов. Внимававме при реконструкцијата да биде запазена безбедноста на пешаците. На најкритичните точки на улиците, околу основните училишта и градинките, имаме поставено подигнати пешачки платоа. Пешаците, родителите со деца и велосипедистите може слободно да се движат и да не се наруши одвивањето на автомобилскиот сообраќај“, им порача Герасимовски на граѓаните.

Герасимовски додаде дека при реконструкција на сите улици во општината се внимава на безбедносниот аспект и при изведбата се запазуваат сите современи градежни стандарди.
„Покрај овие две улици, ја реконструиравме и улицата Антон Панов, која доби нов асфалт на површина од 1.490 м2, нови рабници со вкупна должина од 940 метри и нивелирани шахти и сливници. Асфалтиравме улици и во Дебар Маало, на Водно, се работи на трите улици: ‘Улица 2’, ‘Станбена 3’ и пешачката улица ‘102а’, кај ‘Адвокатската улица’, а по 20 години се пробива крак на улицата Партизанска во Дебар Маало. При сите реконструкции користиме соодветни и квалитетни градежни материјали, воедно запазувајќи ги сите стандарди за изведба на улици“, додаде Герасимовски.

Покрај безбедноста на уличната мрежа, граѓаните на вчерашната трибина најголем интерес пројавија за прашања од областа на урбанизмот и планирањето, имаа забелешки за оштетувањата на детските игралишта, состојбата со паркинзите, проблеми со бучавата и други проблем од локален карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

