Македонија
Гинеколошката ординација на д-р Асани била нерегистрирана, доби забрана за работа
Врз основа на наодите од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со случајот за директорот на струшката болница, д-р Мухамед Асани, кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, е во постојна комуникација со инспекторатот за сите преземени активности. ДСЗИ ги презема сите мерки во рамки на законските надлежност за постапување со конкретниот случај.
„ДСЗИ во ординацијата која се наоѓа во домот на д-р Асани, веќе изврши вонреден инспекциски надзор со полициска асистенција, како што налагаат правилата за надзор во објект каде нема обележано дека постои приватна здравствена устанува. При надзорот е констатирано комплетно опремена гинеколошка ординација, нерегистрирана, односно за којашто нема никаков документ, како што се потребните дозволи за работа и за основање на фирма.
Во меѓувреме, до ДСЗИ се пристигнати четири нотарски заверени изјави од пациентки, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред 8 години. Во текот на вчерашниот ден ДСЗИ на д-р Мухамед Асани му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата која се наоѓа во неговиот дом“, се наведува во извештајот.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека ќе постапи согласно надлежностите и ќе ги извести сите надлежни институции за констатираната состојба во ординацијата сместена во домот на д-р Асани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Мега-скандалот со ИПАРД се потврди, ќе поднесе ли сега конечно Трипуновски оставка?
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, укажува на сериозноста на состојбата со ИПАРД програмата, по официјалната потврда дека е донесена одлука за суспендирање на сите исплати од ИПАРД 3 програмата, истакнувајќи дека Владата со денови ја држела јавноста во незнаење.
„Се потврдува она што го говорам неколку дена – дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, а Владата и Министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, вели Николовски.
Тој оценува дека ова е тежок удар врз македонското земјоделство и доказ дека партизацијата, клиентелизмот и корупцијата ја разориле довербата во институциите.
„Суспензијата е, пред сè, срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространети во Агенцијата – нешто на што укажував од самиот почеток“, порача Николовски.
Според него, ИПАРД програмата во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Николовски бара одговорност од актуелната власт.
„Сега Владата треба да одговори: Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мега-скандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет ќе излезе пред земјоделците?“, вели тој.
Николовски посочува дека оние кои се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Владата и блиски соработници на Трипуновски, што дополнително ја потврдува политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај.
„Време е конечно со чесни, посветени и професионални луѓе, а не со партиски поставени кадри, да се изгради системот и да се врати довербата“, нагласи Николовски.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Лимани смета дека назначувањето на владин повереник во Гостивар е незаконско
Вршителот на должност градоначалник на општина Гостивар и кандидатот кој доби најмногу гласови по првиот круг на локални избори, Ваљбон Лимани смета дека назначувањето на владин повереник е незаконско. Тој во одговор на новинарско прашање околу најавите за негова смена смета дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе го води Гостивар до повторувањето на изборите кои пропаднаа заради слаба излезност.
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, Член 54 и потоа Член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“, вели Лимани и појаснува дека цврсто верува во правната држава и по правен пат ќе се спротивстави на владината намера да постави повереник во Гостивар.
Тој најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Ќе поднесеме инцијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври. По закон најдоцна за шеесетина дена треба да имаме повторени избори и последниот збор пак ќе го имаат граѓаните на Гостивар. На крај, верувам дека Уставниот суд ќе каже дали е законски или незаконски“, рече Лимани.
Владата најави дека ќе назначи владини повереници во четирите општини во кои локалните избори беа неуспешни затоа што во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус од една третина излезност на гласачите. Се работи за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.

