Македонија
„Ги знам јас сите, и обвинители и судии, се дружиме, пиеме кафе, на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“, рече Мемети

Денеска, дојдовме на покана на судијата во предистражна постапка и донесе решение за мерка за претпазливост, друго не би сакал повеќе да зборувам, а тоа е мислам и добра работа затоа што од мој интерес и од интерес на јавноста е што побргу органите да ја завршат целата работа, изјави пред новинарите Иџет Мемети откога судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје постапи по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и му определи мерки на претпазливост и одземање на патната исправа. Тој е второосомничениот во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание.
На прашањето дали му биле презентитрани докази за предметот, Мемети кусо одговори: „Не“.
Мемети пред новинарите рече дека времето ќе покаже дека ништо противзаконито нема сторено.
„Видете, ова секако дека како човек ме погодува, меѓутоа и вчера имав изјава, не е добро да зборувам пред медиумите за работа што се води по судски пат. Но, ве уверувам дека многу бргу ќе заврши и на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“, рече тој.
Прашан за релациите со првоосомничениот во случајот, судијата Наќе Георгиев, тој рече дека се познава и со судиите и со обвинителите.
„Ги знам јас сите, и обвинители и судии, и се дружам, разговараме, пиеме кафе“.
Покрај одземањето на патната исправа, Мемети дополнително ќе мора повремено да се јавува на службено лице во судот.
Судијата Наќе Георгиев и заменик-претседателот на Советот на јавните обвинители, како што соопшти ОЈО ГОКК, во вторникот се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание по член 359 од Кривичниот законик (КЗ) и против нив е отворена истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).