Македонија
Годинава се регистрирани 29 нови заболени со ХИВ во Македонија, а шест лица починале
Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА. Според Светската здравствена организација, од доцните 90-ти години, светот бележи прогрес, но ХИВ-инфекцијата и натаму останува голем глобален здравствен проблем. И како и многу други глобални здравствени проблеми, дополнителен предизвик претставува пандемијата со Ковид-19.
Во нашата земја, во текот на 2020 година, до 30 ноември регистрирани се вкупно 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција, а новодијагностицираните припаѓаат на различни возрасни групи од 20 до 69 години. Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи кои имаат сексуални односи со мажи, а четири лица се изјасниле како хетеросексуалци.
Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите. Останатите половина биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство.
Во текот на 2020 година починале вкупно шест пациенти, при што четири лица биле доцна дијагностицирани, а две лица одбиле да се лекуваат.
До овој момент на Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99% од нив примаат антиретровирусна терапија, што, според Министерството за здравство, е исклучително висок процент. Само три лица сè уште не почнале да примаат терапија, поради тоа што во тек е спроведувањето на неопходни претходни анализи, средување документи поврзани со здравственото осигурување, или по личен избор на пациентот.
Во овој момент кај 91% од пациентите вирусот е супримиран, односно имаат т.н. недетектабилно ниво на вирус во крвта. Се очекува ова да се постигне кај сите пациенти коишто почнале со терапија. Тогаш имунитетот на пациентите може да ја врши својата функција и да се регенерира, а исто така, исклучена е и можноста за пренос на вирусот.
Од МЗ велат дека на сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигура правилно и редовно земање лекови и да се избегнат евентуални несакани ефекти. Исто така, велат од МЗ, пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на Ковид-19 се остварува и зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.
Во однос на спроведувањето на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 година оваа година, поради пандемијата со Ковид-19, целата програма се спроведува во вонредна состојба којашто директно влијае на обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но, велат од МЗ, сепак се постигнати значајни резултати.
„И покрај пандемијата со Ковид-19, реализацијата на програмата бележи резултати. Во периодот од 1 јануари до 30 ноември 2020 година со основен пакет на услуги за превенција опфатени се 8.353 лица од клучните популации засегнати од ХИВ, и тоа: вкупно 3.656 лица што инјектираат дрога (остварување од 81% на поставената цел од 4.500 лица), од кои 313 се нови лица; вкупно 1.596 сексуални работници (остварување од 86% од поставената цел), од кои 144 се нови корисници на услугите и вкупно 3.101 мажи кои имаат секс со мажи (остварување од 62% од поставената цел), од кои 641 нови корисници на услугите“, велат од МЗ.
Дополнително на основниот пакет во рамките на Програмата дадени се медицински услуги и информации, социјални услуги и психолошки услуги, советување и тестирање за сексуално преносливи инфекции.
Со програмата за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи скрининг тестови преку граѓанските организации опфатени биле вкупно 1.773 припадници на клучните засегнати популации, лица кои инјектираат дрога, сексуални работници и мажи кои имаат сексуално односи со мажи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

