Македонија
„Големата измама на ‘Влен’ за’ Отворен Балкан’: од антинационален проект до стратешко партнерство на Скопје со Белград“, велат од ДУИ

„Додека беа во опозиција, партиите од коалицијата Влен дадоа големо ветување: Првиот ден на власт, ќе ја повлечат Северна Македонија од Отворен Балкан! Со тоа ветување ги измамија гласачите, го користеа како политичко оружје за да ја напаѓаат претходната влада, водеа жестока кампања, нарекувајќи ја оваа иницијатива штетна за земјата и антинационален проект според насоките на Албин Курти“, велат од ДУИ.
„Но денес, на власт и без легитимитет, не само што не ја повлекоа земјата од Отворен Балкан, туку нивната влада сега го гледа како позитивен проект, а Скопје и Белград се претворија во стратешки партнери во регионот.
Денес нивниот главен партнер е Иван Стоиљковиќ, најекстремниот претставник на руските и српските интереси во Северна Македонија!
Некогаш го нарекуваа Отворен Балкан национално предавство, а денес нивните министри подготвуваат документи и спроведуваат политики во рамките на оваа иницијатива!
Како се нарекува ова? Безскрупулозна хипокризија, срамна измама кон граѓаните или предавство на принципите и изборните ветувања? Оваа власт го загуби секој кредибилитет! Оваа влада нема ниту принципи, ниту интегритет, ниту достоинство! Нема зборови кои можат да ја оправдаат оваа измама кон гласачите, државата и националните интереси!“, соопшти ДУИ.
Од таму најостро го осудуваат овој „политички фалсификат“ и бараат итни одговори на неколку прашања.
„Зошто ги излажавте граѓаните? Зошто земјата не се повлече од Отворен Балкан? Како Северна Македонија стана дел од „српскиот свет“, ставајќи го Стоиљковиќ на чело на Охридскиот договор“, прашува ДУИ и додава дека државата не може да биде водена од „измамници, хипокрити и луѓе кои не си стојат на зборот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.