Македонија
Гори во Делчевско, пожарот во Пехчево се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик

Според Центарот за управување со кризи за состојбата со пожарите до 14 часот, најновите информации укажуваат дека уште се активни пожарите во Делчево, Пехчево, Свети Николе, Штип, Прилеп, Куманово, Валандово и во Радовиш.
Пожарот, кој почна на 2.8.2021 година во атарот на с. Нов Истевник, маало Пасјак, сѐ уште е активен и е во дијаметар од 15 км. До овој момент опожарени се речиси 1.000 ха борова шума и нискостеблести растенија. Моментно покритично е на местото наречено Света Вода помеѓу селата Тработивиште и Разловци.
Интервенираат 60 припадници на АРСМ, 25 вработени во ШС „Голак“ – Делчево со 4 теренски возила, ТППЕ Делчево со 12 пожарникари и 2 ПП-возила цистерни и едно теренско возило „лада нива“; 5 припадници на Граничната полиција со 4 теренски возила, 2 припадници на ПС Делчево со 1 теренско возило, ЈПКД „Брегалница“ со 5 вработени, 2 ровокопачи и едно теренско возило со 1 тон вода и 1 џип, РЦУК Делчево со 2 вработени, ТППЕ Македонска Каменица со 4 0пожарникари со едно теренско возило, МВР единицата „Тигар“ со 24 вработени, МВР ЕБР со 22 вработени, ТППЕ од Р. Бугарија со 6 пожарникари и 1 ПП-возило и волонтери од Црвениот крст – Делчево се на терен и им доставуваат вода за пиење на ангажираните сили.
ЦУК укажува дека на територијата на општина Пехчево, пожарот кај месноста Бајаз Тепе, сѐ уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. Пожарот околу с. Црник е ставен под контрола, каде што на терен е месното население заради контрола околу селото. Во моментот пожарот е и над с. Мачево и таму има распоредени екипи. Интервенираат: ШС „Равна Река“ – Пехчево со 30 работници и 6 теренски возила; ШС „Малешево Берово“ со 15 работници и 4 теренски возила; АРСМ со 100 војника; ТППЕ Берово со 7 пожарникари и 1 теренско возило и 2 цистерни; ТППЕ Скопје, Штип и Струмица со по 1 ПП-возило и 2 пожарникари; Р. Бугарија со 3 ПП-возила и 25 пожарникари; ДЗС со 4 вработени и 1 теренско возило; РЦУК Берово со 2 вработени; ЕВН со 6 теренски возила за превоз; месно население – 60 луѓе; Р. Словенија со 17 возила и 45 луѓе; Австрија со 60 пожарникари и 20 возила.
Во Струмичкиот Регион пожарот кај месноста Погана сѐ уште е активен, особено во делот напосредно пред ветерниците кај Богданци. Досега опожарени се околу 1.350 ха. Интервенираат ТППЕ Валандово со 2 ПП-возила и 7 пожарникари; ШС „Саланџак“ – Валандово со 14 вработени; АРСМ со 30 припадници; ДЗС Валандово со 7 лица; ЕВН Битола со 7 вработени, 1 цистерна за вода и 1 теренско возило; ШС „Кожуф“ – Гевгелија со 33 вработени со 3 возила; ЈПКД „Комунална чистота“ – Богданци; 10 жители со 1 трактор и 2 мотора од месноста Казандол.
Пожар кај с. Погулево, со кој е зафатена сува трева и нискостеблеста шума, а во близина има и фарми. Интервенираат ТППЕ Радовиш со 10 пожарникари со 2 ПП-возила, ШС „Плачковица“ – Радовиш со екипи и екипа од „Боров Дол“.
Во Скопскиот Регион пожарот кај селата Раовиќ и Буковиќ, општина Сарај, таму интервенира БППЗ со една екипа. ШС „Караџица“ известило дека во 14.30 часот ќе испратат една екипа со 4 пожарникари и цистерна, а од НП Јасен имаат луѓе на терен и контролираат пожарот да не се префрли на Националниот парк. Има и претставници од ЕЛС Сарај.
Во општина Прилеп пожарот во атарот на с. Ракле – с. Никодин – с. Топлица е активен со јак интензитет и е на непристапен терен. Исто така, и пожарот на потегот Дрен – Смолани (општина Прилеп) е активен и е со јак интензитет. Од страна на ЕЛС Прилеп побарана е и воздушна поддршка.
На двата пожара интервенираа: ТППЕ Прилеп со 10 пожарникари со 2 теренски возила; АРСМ со 32 војници; ШС „Црн Бор“ – Прилеп со 7 вработени и 1 возило; ЈП „Водовод и канализција“ – Прилеп со 10 вработени и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп со 8 лица.
Пожарот во с. Бељаковце е активен и се шири кон с. Довезенце. Интевенираат АРСМ со 80 војници, ТППЕ Куманово со 12 пожарникари и 2 ПП-возила, како и лица од ШС „Куманово“.
Во општина Гостивар активен е пожарот кај Пожаране и на таму интервенира ШС „Шар“ – Гостивар.
ТППЕ Гостивар известува дека имале уште три интервенции, кои се завршени, и тоа:
– во с. Печково, каде што гореле сува трева и грмушки, а интервенирале 5 пожарникари со 1 ПП-возило и теренско возило;
– во с. Бањице кај касарната, каде што гаснеле сува трева со 4 пожарникари и 2 ПП-возила;
– на автопатот Гостивар – Тетово гаснеле сува трева во нива, а интервенирале 3 пожарникари со 1 ПП-возило.
ТППЕ Тетово извествува дека со 3 пожарникари и 1 ПП-возило гаснеле запалено ѓубре во нива во с. Жеровјане и пожарот е изгаснат.
РЦУК Тетово известува дека во сите општини што ги покрива РЦУК Тетово имаат свикано кризни штабови и во сите кризни штабови учествуваат вработени од РЦУК Тетово. Исто така, во ПО РЦУК Тетово е активен регионалниот штаб.
Пожарот на Богословски Рид, општина Свети Николе, сѐ уште е активен, а опожарени се бор, нискостеблеста дабова шума и смрека на површина поголема од 200 ха. Од утрово интервенираат ТППЕ Свети Николе со 11 пожарникари и 3 ПП-возила, ДППД Свети Николе со 6 пожарникари и 2 ПП-возила, ЈКП со 15 вработени, како и поголем број вработени од ШС „Свети Николе“.
Овој пожар е префрлен и на територијата на општина Штип, и тоа кракот кон с. Добришани, под дејство на ветрот го има сменето правецот и се движи кон реката Брегалница и притоа не загрозува објекти и населени места. Екипа на ТППЕ Штип работи на негово локализирање. Кракот што гори во близина на магацините на АРСМ во с. Криви Дол е под контрола на 30 војници и се работи на негово локализирање. Интервенираат ТППЕ Штип со 10 пожарникари и теренско возило; ЈП Стипион Штип со теренско возило, РЦУК Штип со 1 вработен со теренско возило и АРСМ со 30 војници и 1 цистерна.
Во општина Велес пожарот во близина на населбата Дорутовец е изгаснат во целост во 7 часот. На терен се наоѓа една дежурна екипа од ТППЕ Велес за спречување евентуално обновување на пожарот.
Во општина Кавадарци пожарот кај месноста Свети Петре, помеѓу селата Мрежичко и Рожден, е локализиран во 20 часот на 5.8.2021 година. Од утринските часови на терен се ШС „Бор“ – Кавадарци со 8 вработени и 2 возила, кои вршат обиколка и по потреба интервенираат на места каде што има чадење во опожарената површина.
Пожарот во близина на с. Возарци, општина Кавадарци, е локализиран во 9.50 часот, а таму интервенирале ТППЕ Кавадарци со 7 пожарникари и 2 ПП возила и „Еуроникел“ – Кавадарци со 3 пожарникари, 1 ПП-возилo и 1 теренско возило. Во внатрешноста на опожарената површина има на неколку места чадење и за дежурство оставена е екипа од ТППЕ Кавадарци со 3 пожарникари и 1 ПП-возило.
Пожарот помеѓу селата Косел и Расино, кој почна во 20.15 часот на 5.8.201 година, е локализиран во 7 часот на 6.8.2012 година. Интервенирале ШС „Охрид“ со 12 вработени со 1 ПП-возило и ТППЕ Охрид со 3 пожарникари и 1 ПП-возило, информира Центарот за управување со кризи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Елмази: Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му одговори на Мухамед Елмази од Влен, дека Градот нема надлежност во Сарај.
„Мухамед Елмази бидејќи се закануваш, ајде за тебе ДУИ побегуљо ќе појаснам уште еднаш. За тоа што бараш да постапувам во Сарај, е исто како да бараш да одам во Битола или Тетово, немаме таму за жал надлежност за дивоградби.
Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи, ако не си разбрал првиот пат кога ти пишав, за жал нема да разбереш никогаш!
1. Град Скопје нема надлежност над Сарај за дивоградби затоа што законот е за градби до 2011, а Сарај влегува во Генерален урбанистички план во 2012 година.
2. На седницата на Совет на Град Скопје барав дискусија за отварање на незаконски дивоградби за СИТЕ скопски општини, ама твоите другарчиња побегнаа страв им е И ЗА САРАЈ И ЗА ЧАИР да се дискутира.
3. Во Чаир ТИ живееш во незаконска дивоградба стан ГРАТИС, слушам си плачел по дома дека си фатен, а ЕДЕН ОД ЕКИПАТА ОД ОПШТИНА ВЕЌЕ ВИ ИЗБЕГАЛ ВО КОСОВО“, напиша Арсовска на Фејсбук.
Ти си дел од оние што од ДУИ за директорско место во државното НОМАГАС пребега во ВЛЕН, додава Арсовска, а сега откако сте фатени во криминал слушам цело друштво ќе станете комити и ќе преминете во ВМРО.
„Ќе ставите со Ганиу, Меџити и Адеми црвени беретки и ќе тргнете накај Мечкин Камен, само да се спасите од криминалот. ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ, ИМАМ ДОКАЗИ ЗА СЀ И НЕ СЕ ОТКАЖУВАМ! Така пренеси им на другарчињата“, напиша Арсовска.
Елмази, по неговата прес – конференција, објави статус на Фејсбук, во кој ја обвини Арсовска дека молчи во врска со обвинувањата за бесправен објект во општина Сарај.
„Поминаа 24 часа и сè уште ја нема никаде Данела да одговори за зградата во Сарај. Дали тој џиновски објект без дозвола, кој го изложив на фотографија, му припаѓа на твојот пријател и бизнис партнер Блерим Беџети? Имаш ли удел во неговата ‘империја’ или само те плаќа за да држиш прес-конференции?“, прашува Елмази во својата реакција.
Тој додава дека градот Скопје се соочува со алармантна состојба на нечистотија и недостиг на хигиена, особено пред празникот Бајрам, опишувајќи ја ситуацијата како „гушење во ѓубре како никогаш досега“.
На крајот, Елмази најавува дека многу скоро ќе побара одговори и пред Јавното обвинителство.
Македонија
АРМ ќе реализира тактичко-технички активности во Охридското Езеро

Во периодот од 09 до 11 јуни, од 10 до 16 часот, на плажата „Бафало бич“ во близина на езерската полиција, припадници на Армијата на РСМ ќе реализираат тактичко-технички активности.
Притоа, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Eзеро, ќе употребат артифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.
„Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција). Апелираме до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој значаен настан“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Салиу: Не чувствувам вина за пожарот во Кочани

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели дека не чувствува вина.
„Верувам во нашата држава, верувам во институциите, во судните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, 18 години сум бил адвокат, оставам на совеста на државата да одлучи дали имам јас вина или немам. Лично, со душа и со срце и одговорно максимум тврдам дека немам вина во тој случај“, рече Салиу.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.