Македонија
„Го сакам Водно“: Заев го банализира проблемот со гасоводот, не е свесен за какво уништување се согласил

Граѓанска иницијатива „Го сакам Водно“ преку соопштение реагира на изјавите на премиерот Зоран Заев во врска со гасоводот низ Парк-шумата Водно.
Како што наведуваат од „Го сакам Водно“, премиерот во телевизиско интервју вчера изјавил дека се решава комплетно делот на Скопје каде што граѓаните треба да знаат дека секое дрво 10 пати повеќе ќе се обнови, дека делот каде што поминува гасоводот низ Парк-шумата Водно е со нискостеблеста шума, дека само тој дел од изградбата е закочен. Додал дека станува збор за намалeни параметри од 25 на 10 метри и сето тоа ќе биде обновено како шума која ќе биде исечена за коридорот, дека секоја цевка гас штеди илјадници дрва и од Шар Планина, и од Скопска Црна Гора и од Водно зашто гасификацијата значи можност за енергент за греење и дека гасификацијата само во тој дел е застаната.
На ваквите изјави на премиерот, од граѓанската иницијатива велат дека гасоводот што е планиран да се гради низ Парк-шумата Водно нема никаква поврзаност со гасификацијата на Скопје.
„Се работи за магистрална делница, која е наменета гасот што е пристигнат до Скопје пред повеќе од 20 години, да го однесе до Косово, Тетово, Гостивар, а потоа и до Кичево. Гасоводот само поминува низ Водно и оваа делница не го решава Скопје“, се наведува во соопштението.
Понатаму, од „Го сакам Водно“ велат дека заштитено подрачје, како што е Парк-шумата Водно, каде што живеат ретки, ендемски и загрозени видови, не смее да се банализира и не може да се сведе на ниво „за секое исечено дрво, ќе насадиме 10“.
„Вакви изјави укажуваат на големо непознавање за функционирањето на еден екосистем и навистина мора да се стави крај на ваквото несоодветно и крајно симплифицирано гледање на природата со целиот жив свет во неа и нејзиното значење. Гасоводот минува низ 4 километри шума, високостеблеста, а делот што се смета за нискостеблеста е густа шума од дрвја високи околу 2 метра“, велат од граѓанската иницијатива.
Додаваат и дека изградбата на гасоводот не е закочена само во овој дел на Водно, туку на должина од речиси 50 километри од оваа делница поради неразрешени имотно-правни односи и незавршен процес на експропријација. Исто така, оттаму констатираат дека пошумување на трасата на гасоводот нема да има зашто врз неа не смее да се садат дрвја, што значи ќе остане гола до крајот на својата употреба, а со тоа и фрагментацијата на хабитатот.
„Заедно со нас граѓаните не е дојдено до заеднички прифатливо решение и ние сѐ уште чекаме на термините на вицепремиерот Кочо Анѓушев за заедничко разгледување на трасата, каде што би се увидело колку шума навистина би се исекла и уништила. Јавно го каниме и премиерот да ни се придружи затоа што очигледно е зафатен и можеби досега немал време да се качи на Водно и да се увери за какво уништување се согласил“, се наведува во соопштението на „Го сакам Водно“.
Од иницијативата, во однос на изјавата на Заев, понатаму додаваат дека секоја цевка низ која минува гас би значела штедење илјадници дрвја, само во случај кога гасот би се користел за греење онаму каде што сега се користат дрва, а тоа се главно домаќинствата.
„Примерот со Скопје не ја потврдува оваа заштеда на дрва со носење на гасот пред повеќе од 20 години до градот. За конверзија и приклучување на домаќинствата кон гасоводната мрежа потребни се значителни финансии, кои во најголем број случаи оние што се греат на дрва ги немаат. Случајот за Тетово и Гостивар е ист. Под претпоставка да се изгради целата делница годинава, домаќинствата што користат дрва за греење во Скопје, Тетово и во Гостивар нема да преминат на гас во догледно време, некои никогаш, и нема да се заштедат илјадници дрва од Шар Планина и од Скопска Црна Гора. За Водно штетата ќе биде поголема, со тоа што ќе се уништат шуми за изградба на гасоводот, а за другите што се сечат за греење гасот што минува низ овие цевки нема ништо да значи зашто само поминува на својот пат кон Косово, Тетово, Гостивар, Кичево“, констатираат од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.