Македонија
Градежна комора: Недозволиво е поради изолиран случај да се суспендираат ДУП-овите во општина Центар

Суспензија на дел од деталните урбанистички планови во општина Центар би предизвикала тежок економски удар врз градежниот сектор, преку механизми кои се целосно правно неиздржани и директно ќе му наштетат на градежниот сектор и граѓаните, реагира Градежната комора.
Ваквото постапување, како што велат од таму, ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото и директно ги загрозува уставно загарантираните права на граѓаните и претпријатијата.
„Доколку постои спорен случај институциите да си понесат одговорност за грешките и да најдат начин како истиот спор да го разрешат, без да ги оштетуваат сите останати на кои им се загарантирани правата на сопственост и обезбедување подобри услови во живеалиште во оваа општина. Во изминатите три години градежниот сектор беше жртва на два мораториума кои беа поништени од Уставниот суд, а кои предизвикаа огромна штета врз граѓаните, градежништвото и економијата воопшто. Со вакви постапки на работење директно се попречува работењето на претпријатијата и се ограничува правото на сопственост и стекнати права на имот. Преку механизми кои се бараат, а се спротивни на позитивните прописи, се нарушуваат правата на граѓаните и претпријатијата, а со тоа се создаваат ненадоместливи штети по однос на имотот и економијата“, известуваат од градежаната комора.
Од таму предупредуваат за последиците од евентуални нови суспензии на ДУП-ови или блокирање на целосно легалните процеси и уставно загарантирани права.
„Градежните претпријатија кои во моментов имаат стекнати права на имот и целосно легални процедури за добивање на дозволи за градба, ќе бидат приморани да поведат правни постапки против институции и лица кои ќе иницираат вакви дејствија, а се целосно спротивни на законот. Предупредуваме дека судските исходи од ваквите постапки ќе значат милионски казни и штети врз буџетот на централните и локалните институции“, реагираат од оваа комора.
Според нив, градежниот сектор во изминатиот период делувал конструктивно, со многу разбирање за политиките, кои поради погрешна имплементација де факто направиле огромна штета врз градежниот сектор.
Постапките на незаконско носење мораториуми и слични дејствија не може повеќе да се толерира, а градежништвото тој товар ни финансиски не може да го издржи. Градежниот сектор е двигател на економијата и со себе движи дополнително уште 26 стопански гранки, меѓутоа во изминативе години е доведен во состојба да се бори со ликвидност. Дури 80% од претпријатијата се соочуваат со потешкотии во организација на работата и намалена деловна активност. Апсолутно е недозволиво преку противправни процедури да се попречува работењето на градежништвото, а со тоа и да се воведува економијата во стагнација. Апелираме до сите надлежни институции да се придржуваат до правните процедури и своите одлуки да ги носат во согласност со законите и Уставот. Сè што бараме е почитување на законите, правото на сопственост, почитување на слободата на пазарот и сите останати права кои законски следуваат, а не се спроведуваат. Веруваме во спроведување на законски и уставно загарантирани права со кои ќе се надмине настанатата тешка ситуација во која градежништвото се наоѓа, велат од Градежната комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.