Македонија
Градоначалникот на Охрид бара поддршка за уривање на дивоградбите на охридското крајбрежје
„Процесот на рушење на дивоградби во Охрид ќе трае и можеби ќе треба да го продолжи некој друг градоначалник по мене“, вели првиот човек на Охрид, Константин Георгиевски. Според него, нема потреба од одложување на уривањето по летната сезона, бидејќи законот е ист како во јануари, така и во февруари, јуни, јули. Георгиевски тврди дека се даваат максимални напори за да се поправи сликата за Охрид, а за рушењето на дивоградбите побара поддршка и од охриѓани.
„Го разбирам интересот на јавноста и на медиумите во врска со сите актуелни прашања деновиве. Но, со должна почит, би сакал да упатам еден јавен апел до сите охриѓани, до сите засегнати страни во целокупниот процес, да покажат поголемо разбирање и да дадат поддршка на мерките кои се спроведуваат и кои се во насока на сопирање на самоволието и импровизациите кои се случувале со години наназад. Даваме максимални напори да ја поправиме целокупната слика, која години наназад му нанесе големи штети на имиџот на охридскиот туризам, а најмногу во строго заштитената зона на крајбрежјето на Охридското Езеро. Треба сите да сфатиме дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето повеќе нема да има. Ве повикувам сите заедно да ја запреме деградацијата на уникатните аспекти на регионот, да го штитиме нашето духовно и материјално наследство и да го чуваме за идните генерации. Само така ќе може да имаме подобри услови за развој на туризмот и подобра иднина, која Охрид ја заслужува“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Тој вели дека е избран за да го спроведи законот, односно да ги отстрани сите дивоградби во градот.
„Процесот на рушење кој ќе трае, кој ќе продолжи. Можеби ќе треба да го продолжи некој друг градоначалник после мене, но важно е да го трасираме патот на еден нов развој на Охрид. Во старото градско јадро, сепак, надлежностите се на Министерството за транспорт и врски и Државниот градежен инспекторат. Но, секаде, на секое друго место каде што сме ние надлежни ќе си постапиме. УНЕСКО чука на врата цела година. Чукате и вие цела година. Чука и законот. Законот е ист и во јануари, февруари, јуни и јули. Ние мора да постапиме, затоа сме избрани“, додаде Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

