Македонија
Град Скопје започнува постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година: граѓаните и компаниите да го сторат тоа во најкраток можен рок
Градот Скопје на 9 декември 2025 година упати јавен повик до сите даночни и таксени обврзници, правни и физички лица, кои имаат неплатени обврски по основ на данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина за изминатите години, да ги подмират своите долгови во најкраток можен рок, информираат од таму.
Од Град Скопје појаснуваат дека заклучно со 23 јануари 2026 година, вкупно 830 даночни обврзници ги подмириле заостанати обврски во износ од 20.107.103 денари кон Градот Скопје.
Со оглед на тоа што значителен број обврзници и понатаму не ги имаат подмирено своите долгови, Градот Скопје известува дека од 26 јануари 2026 година започна постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година.
Во рамки на постапката утврдено е дека 37.655 физички лица и 1.926 правни лица не го подмириле долгот по основ на данок на имот за 2021 година, во вкупна вредност од 148.466.661 денари.
За 16.372 даночни обврзници, се изготвени и доставени Решенија за забрана на средства до деловните банки, додека преостанатите 23.209 решенија ќе бидат доставени до крајот на оваа недела, со цел обезбедување наплата на неплатените обврски, според соопштеното.
Град Скопје ги повикува сите граѓани и компании кои сè уште не ги подмириле своите обврски по основ на даноците на имот и комунални такси, тоа да го сторат во најкраток можен рок, бидејќи присилната наплата ќе продолжи кон сите даночни должници кои имаат долг спрема Градот Скопје.
„Увид во состојбата на сопствениот даночен долг може да се направи преку електронскиот портал на Град Скопје: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml, каде што е овозможено и електронско плаќање. Подмирувањето на овие давачки претставува законска обврска и неопходен предуслов за нормално функционирање и развој на градот.
Изразуваме благодарност до сите граѓани и правни лица кои навремено ги подмируваат своите даночни обврски и со тоа придонесуваат за побрз развој, поквалитетни услуги и подобар град за сите. Градот Скопје останува посветен на транспарентност, отчетност и создавање подобри услови за сите жители во главниот Град“, се наведува во соопштението..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска за Груби: ДУИ го спасува Мицкоски
Секој што го прекршил законот мора да одговара. ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. После денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
СДСМ, како што рече, ова го најавиле уште во декември 2024 година.
„Сега само се потврди пред очите на македонската јавност. Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати. На овој начин ВМРО со поддршка од ДУИ сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но и бројните скандали со криминални тендери за кои повеќе од 80 дена нема никакви оддговори.
161 тендер за семејна фирма на Томовски, 51 тендер за „Пирамид Билдинг“, 74 тендери за „Ленди Груп“, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендер преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ“.
Според Кузеска, сите тендери водат до најтесниот круг околу Мицкоски а повеќе од 80 дена нема реакција од обвинителството.
„Повеќе од 20 денови нема одговори за 5 тони дрога, нема одговори за сликите со Симе, за Адамовиќ. Граѓаните нема да добијат одговори на прашањата но ќе добијат театар, како денеска.
Нема борба против криминалот и корупцијата. Станува збор само за договорена кампања поради падот на рејтигнот на Мицкоски.
Сакаше да се претставува како чесен, но по бројните скандали, скапите часовници и луксузирањата на грбот на народот со авион веќе е прочитан од граѓаните.
Copy-paste по рецепт на Вучиќ, кој секогаш кога е во пад највува некое апсење. Немаат одговор на скандалите, веднаш прават дефокус“.
Се отвори прашањето, додава таа, кој од актуелните функционери во Владата на Мицкоски ќе одговара и затоа, според неа, им е потребен Артан Груби.
Цела, како што оценува, е повторно да се поврзе СДСМ со ДУИ.
„Како што се поврзуваше кампањата со марихуаната од Струмица, како што имавме можност да видиме и со оваа најава на Жан, со купишта натписи пред неколку недели за наводна поврзаност меѓу СДСМ и ДУИ. А вистината е дека ВМРО-ОКГ се во дил со ДУИ. Власта го презема судството и обвинителството под своја контрола, се рушат предметите на СЈО сега е вистинско време Груби да се предаде. Кој се смее кога го апсат? Како нема ниту една камера од 65 илјади за 5 тони дрога а има камери за Груби? Ова нема да помине. Секој што го прекршил законот ќе одговара“.
Македонија
СДСМ e нервозeн поради апсењето на Груби, стравува од откривање афери, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ верува дека во СДСМ владее нервоза и фрустрација поради апсењето на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и дека постои страв оти тој би можел да изнесе информации поврзани со, како што наведуваат афери и криминали во кои учествувале поранешни владини функционери.
„Ги разбираме од СДС, тие се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека СДСМ се обидува да ги затскрие трагите и на тој начин да се спаси себе си.
Слично размислува и ВЛЕН. Оттука претходно истакнаа дека во ДУИ владее нервоза затоа што не знаат за што се е подготвен да прозбори Артан, за кого велат дека е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ.
Груби кој беше вицепремиер во периодот на владеењето на СДСМ и ДУИ, беше упасен утрово на граничниот преним Блаце, на влез во Македонија поради сомневања за криминал во Државна лотарија. Во бегство беше една година.
Македонија
Мојсоска: Кој не ги виде машините во изворот што ја снабдува Струга со вода?
Кои институции ’не го виделе’ копањето и машините во самиот извор кој ја снабдува цела општина Струга со вода, прашува пратеничката од Левица, Јована Мојсоска преку социјалните мрежи, посочувајќи дека според член 100 од Закон за минерални суровини јасно е утврдено кој е одговорен за надзорот над експлоатацијата на минерални суровини.
Во објавата таа ги посочува Државениот инспекторат при Министерство за животна средина и просторно планирање, инспекциските служби во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и ОЈО Струга.
„Ниту обвинителите во Струга, ниту МВР ’не знаеле’ и ’не виделе’ дека машини се поставени во самите извори, во населено место и дека копаат без концесија/ со истечена концесија (според официјалните информации од ОЈО Струга). Улогата на обвинителството и МВР е превентивна (а не откако ќе се случи екоцид) – ама вработувањето на клатоглавци го зема својот данок“, пишува Мојсоска.
Дополнително Мојсоска поставува прашање во врска со постапувањето на терен. Таа посочува дека ОЈО Струга официјално известило дека „додека на терен собирале докази, ги затекнале машините на двете фирми кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите”. Во таа насока прашува зошто не се одземени машините од фирмите со кои се фатени во вршење кривично дело, како што предвидува член 100 од Закон за минерални суровини.

