Македонија
Грковска – Перебијнис: Украина е пријателска земја и секогаш може да смета на поддршката од Северна Македонија

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се сретна со заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Јевген Перебијнис, кој деновиве е во посета на земјите од регионот. Вицепремиерката Грковска изрази поддршка за украинските граѓани во справувањето со руската воена агресија врз Украина и борбата за зачувување на територијалниот интегритет на државата. Таа нагласи дека Украина е пријателска земја, која секогаш може да смета на поддршката од Северна Македонија.
Заменик-министерот Перебијнис се заблагодари за постојаната поддршка од нашата земја, која ја сметаат за клучен партнер од Западен Балкан, истакнувајќи дека за нив е непроценлива помошта во воена опрема, приклучувањето на нашата држава кон санкциите за Русија и поддршката за евро-атлантските аспирации на Украина. Перебијнис истакна дека Украинците не се борат само за својата земја туку и за заедничките вредности и за безбедноста на цела Европа.
Иако главната цел на Украина во моментот е победа над агресорот, Перебијнис нагласи дека зачленувањето во Европската Унија е дел од врвните приоритети на неговата држава и истакна дека интегративниот процес е уште една можност за јакнење на соработката меѓу двете земји. Во таа насока, на состанокот беа споделени искуства за исполнувањето на европските критериуми за членство и реформите што целат кон подобар стандард за сите граѓани и за целото општество. Вицепремиерката Грковска информира за политиките за добро владеење што ги спроведува кабинетот со кој раководи и му честита на украинскиот владин претставник за тоа што во време на војна земјата успеа да воспостави посебни институции за борба со корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Картел во фармацевтскиот бизнис – две веледрогерии го оштетиле буџетот за 1,1 милион евра

Вишиот управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата со кое утврди дека две големи веледрогерии АД Д-р Пановски и Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Од таму велат дека се работи за јавна набавка која во 2016 година е распишана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија при што двете веледрогерии спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата склучиле забранет договор-картел со кој свесно и со намера да се стекат со противправна имотна корист на штета на државата го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите.
Комисијата за заштита на конкуренцијата при откривање и документирање на овој картел го имала во предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската унија.
„За учество во предметниот картел Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба и тоа на АД Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд ДООЕЛ 721.000 евра. Висината на наведената глоба е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата“, соопшти Комисијата.
Од таму велат дека за откриениот картел ќе поднесат соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство заради натамошно постапување од нивна страна во соодветна кривична постапка.
Македонија
Николоски – Ле Риголер: Работиме на унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Франција

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шаќири, денеска остварија работна средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер.
На средбата на која се потврдија добрите билатерални односи меѓу двете земји, беа разменети меѓусебни мислења и ставови за политичките и економски прашања во земјава и регионот.
Вицепремиерот Николоски го истакна пријателството меѓу Македонија и Франција и ја потенцира можноста за унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка и поддршка во делот на реализација на ифраструктурните проекти.
Притоа, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот Ле Риголер со развојните планови на Владата и планираните инфраструктурни проекти, посебно проектите кои имаат регионално значење и со кои се придонесува за забрзан економски развој на земјите од регионот.
Исто така на средбата се разговараше и за реформскиот процес на земјата, интеграциите и членството во Европската Унија. Македонија е фокусирна на интегративниот процес, потенцира вицепремиерот Николоски а владините политики се насочени кон реформирање на земјата и борбата против корупцијата.
Двајцата говорници се согласија на интензивирање на меѓусебната соработка на двете земји.
Македонија
Трајко Славески со платa од 3.000 евра им порачува на граѓаните да работат по три работи, тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, велат од СДСМ

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, според СДСМ, уште на почетокот го покажал својот вистински лик, надмен, без допир со реалноста и на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните.
Од опозициската партија реагираат на интервју на Славески во кое тој изјавил дека минималната плата не гарантира пристоен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“.
„Тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, земал плата над 3000 евра, и сега ги поучува граѓаните дека не треба да очекуваат повеќе, туку да се распарчуваат на три фронта за да преживеат.
Трајко Славески очигледно не знае дека не се сите како него. Не се сите на државна плата, не се сите родени со функција и поврзани со елитата. Народот што секој ден се бори со инфлација, со скапа храна, со растечки трошоци, не може да живее од советите на Славески. На граѓаните им треба реална плата и заштита од кражбата на маркетите“, истакнуваат од СДСМ.
Според оваа партија, отпорот на Славески кон замрзнување на маржите и цените значи едно: поддршка за профитите на трговските ланци, а не за интересите на граѓаните.
„Со вакви изјави, јасно е дека Трајко Славески ќе биде гласноговорник на богатиот слој што живее во паралелна реалност. Македонија не смее да има гувернер кој со презир зборува за оние што живеат од минималец.
Дали Мицкоски ги дели ставовите на Славеси или токму тој го инструира вака да зборува и ги потценува граѓаните? Дали поддржува гувернер кој мисли дека борбата за достоинствен живот е „извртување на значењето“, прашуваат од СДСМ.
Оценуваат дека, тој како претседател на Советот го уништи градот Скопје, сега како Гуверер очигледно ќе ја уништува и моинетарната политика.
„Трајко Славески не е човекот што и треба на Народната банка, а уште помалку на македонскиот народ“.