Македонија
Грковска: Политичарите треба да бидат пример за работење со интегритет и тоа понатаму треба да се бара и од другите

„Убедена сум дека жените и младите се носители на позитивните промени во општеството. И затоа ми е драго што денеска ја прошируваме мрежата за соработка и поддршка на жени, кои се или биле вклучени во напорите за промоција и вградување на принципите за добро владеење, за превенција и справување со корупцијата, но и за поддршка на младите од регионот за да се обединат во зголемување на притисокот за градење на општества засновани на интегритет, чесност и одговорност“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на втората регионална конференција на Форумот на жените лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, која денеска се одржува во Скопје, со поддршка на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.
Грковска го модерира првиот панел во рамките на конференцијата, посветен на жените во сферата на правдата и на корупцијата во правосудниот систем, на кој учествуваа: Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд на Северна Македонија и поранешна судијка во ЕСЧП, Ина Рама, судијка во Специјалниот апелациски совет при Уставниот суд на Република Албанија, Ленче Ристовска, јавна обвинителка и прв обвинител за врска на Република Северна Македонија со Eurojust – агенција на ЕУ за соработка во областа на кривичното право, Бојана Савовиќ, заменик-обвинителка во Вишото јавно обвинителство во Белград, Република Србија, и Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување корупција на Црна Гора.
Еминентните говорнички споделија свои лични искуства во вршењето на својата професијата и за состојбата во стручната фела. Тие беа согласни дека жените се навистина бројно застапени во земјите од целиот регион, но дека тоа не ги одразува реалната моќ и застапеноста на одлучувачко ниво. Осврнувајќи се на родово заснованите ризици во вршењето на одговорните задачи во борбата против криминалот и корупција, тие се осврнаа на притисоците и омаловажувањата на кои биле подложени.
„Клучна е политичката волја. Ние политичарите треба да бидеме пример за работење со интегритет и понатаму тоа да го бараме од другите“, истакна Грковска и додаде дека зголемувањето на личниот интегритет е важно на сите општествени нивоа, како и транспарентноста во работењето, за граѓаните да имаат вистинска слика за состојбите.
Сумирајќи ги излагањата на панелистиките, таа заклучи дека општата атмосфера на неказнивост ги дерогира нашите општества, како и двојните стандарди и немањето доволно солидарност за луѓето со интегритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).