Македонија
Грковска: Приоритет е креирање ефикасни антикорупциски политики кои ќе помогнат во сузбивањето на корупцијата и организираниот криминал

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска преку конференциска врска се обрати на четвртата меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам на тема „Нови рестриктивни мерки – ефектите и искуствата од регионот”, организирана од Академијата за банкарство и информатичка технологија и Институтот „Хајделберг“ во Скопје.
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Владата во изминатите неколку години активно работи на преземање мерки и активности за спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството, вклучително и на мерки за сузбивање на меѓународниот криминал и тероризам. За таа цел е усвоена Националната стратегија за спречување на перење на пари и финансирање тероризам 2021 – 2024.
„Борбата со високата корупција и организираниот криминал неминовно ја наметнува потреба од постојано стратешко зајакнување и унапредување на капацитетите на националните институции, како и нивна континуирана координација во следењето на протокот на финансиите, откривање на евентуално прикривање и трансфер на нелегално стекнат имот. Во таа насока се надгради Националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот. Воспоставивме јасни механизми за соработка меѓу сите надлежни институции и ги охрабривме и граѓаните и медиумите да зборуваат јавно и гласно, затоа што само така ќе имаме владеење на правото и функционални институции“, потенцираше Грковска.
Пред присутните на конференција Грковска нагласи дека клучен предуслов за уште поуспешна борба против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал е дигиталната трансформација на општеството.
„Главен приоритет на мојот Кабинет е поттикнување на сеопфатна дигитализација за ефикасно и професионално функционирање на институциите како и зголемено и поефикасно користење на Националната платформа за интероперабилност. Со дигиталната трансформација податоците ќе бидат достапни во истиот момент, што на сите институции ќе им овозможи полесно и побрзо детектирање на сите неправилности и незаконски дејствувања“, потенцираше вицепремиерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Извршен е службен разговор со лице кое држеше пиштол кај „Скендербег“, оружјето е на вештачење

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје во полициска станица извршија службен разговор со С.Р.(34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице кое за време на инцидентот во близина на споменикот Скендербег држел пиштол во раката, но не го употребил, соопшти МВР.
Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Македонија
МВР: Kривична пријава против лицето што фрлаше со „молотови коктели“

Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Ј. С. (18) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, казниво според член 385 од Кривичниот законик.
„Имено, на 5.7.2022 година, околу 21 часот, за време на одржување јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, Ј. С. почнал да подготвува ‘молотови коктели’ и да фрла со нив кон полициските службеници и објектот на Собранието на РСМ.
По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, Ј. С. е лишен од слобода, обезбедени се сите докази против него во координација со ОЈО Скопје и лицето е изнесено пред судија на претходна постапка“, информираат од МВР.
Македонија
Францускиот предлог стигна во Собранието, седница не е планирана за вечерва

Владата до Собранието ја достави информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Од Собранието информираат дека во согласност со процедурите материјалот ќе се достави до пратениците и за понатамошно постапување, соодветно и навремено јавноста ќе биде информирана.
„Имајќи ги предвид шпекулациите, ве информираме дека за вечерва не е планирана седница. Во моментот кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ја свика седницата, навремено ќе бидете информирани“, велат од Собранието.