Македонија
Груби – Абдрахманов: Македонија е пример за почитување на правата на заедниците
Првиот вицепремиер на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби се сретна со високиот комесар на ОБСЕ одговорен за малцинските прашања, амбасадорот Каират Абдрахманов.
На оваа средба Груби и Абдрахманов разговараа за човековите права и слободи за кои Македонија може да се земе како пример не само во регионот туку и пошироко.
Груби му рече на комесарот Абдрахманов дека Македонија го имплементирала Охридскиот договор, од кој имаат произлезено правата и слободите за сите немнозински етнички заедници во земјата. Покрај Охридскиот договор, Груби и Абдрахманов разговараа и за преспанскиот договор и за договорот за добрососедство со Република Бугарија.
Груби предложи формирање институт за спречување конфликти во склоп на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во тесна соработка со Канцеларијата на ОБСЕ за промовирање на позитивните практики од Охридскиот рамковен Договор, а комесарот Абдрахманов со ентузијазам ја прифати оваа иницијатива за соработка.
Првиот вицепремиер Груби на комесарот Абдрахманов му ги истакна и приоритетите на Владата, а тоа се активностите што Македонија треба да ги преземе сега пред почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.
Груби и Абдрахманов разговараа и за улогата на ОБСЕ во сите демократски процеси, но и за предизвиците и предностите што ќе ги има Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ.
Како што велат од кабинетот на Груби, претседавањето со ОБСЕ за Македонија претставува трансформациски процес бидејќи со овој чекор ние стануваме придонесувачи на политиките во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.

