Македонија
Груби до Бомгартнер: Напорите на нашата земја заслужуваат награда од Брисел
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, се сретна со новиот амбасадор на Франција, Сирил Бомгартнер.
На оваа средба Груби истакна дека Република Северна Македонија во последните години има направено значителен напредок кон воспоставување и почитување на европските вредности и дека земјата ќе продолжи да се движи во иста насока и во иднина.
Исто така, за време на оваа средба беа разгледани и конкретните чекори преземени со цел интензивирање на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Франција и зголемување на економската соработка меѓу нашите две земји.
Груби и Бомгартнер разговараа и за првата меѓувладина конференција со надеж дека таа ќе се одржи во декември, како што беше планирано со Брисел.
Груби исто така истакна дека сите достигнувања на нашата земја се постигнати во соработка со нашите меѓународни партнери и затоа ја истакна потребата за помош од Европската Унија со цел да се надмине непотребната ситуација создадена со Бугарија.
Граѓаните на нашата земја дадоа големи напори за нашиот заеднички евро-атлантски сон и затоа заслужуваат да ги видат и почувствуваат наградата и солидарноста од Европската Унија.
Првиот вицепремиер Груби и францускиот амбасадор Бомгартнер не останаа без да разговараат и за преземените мерки во врска со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19, како и за најдобрите начини за закрепнување од оваа ситуација што ги зафати овие две земји, но и целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 16 степени, од петок дожд и снег
Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Долж Повардарието ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени, jавува УХМР.
Во Скопје претпладне во делови од котлината со појава на магла, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
До петок ќе се задржи стабилно и тивко време, по одделни котлини со појава на магла и пониски дневни температури. Од петок кон крајот на денот и за време на викендот под влијание на влажна и студена воздушна маса времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Врнежите наместа ќе бидат пообилни и ќе преминат во снег и во повисоките места.
Македонија
(Видео) Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси
Амандманот на државниот буџет за 2025 предложен од пратеници од СДСМ, со кој треба да се обезбедат 50 милиони денари за набавка на еколошки автобуси, кои треба да се поделат на општини со организиран јавен превоз, беше одбиен од заменик министерот за финансии и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската комисија за финансирање и буџет.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во расправата по амандманот истакна дека во буџетот не се предвидени средства за набавка на еколошки автобуси, што беше образложение на власта за одбивање на амандманот.
„Основната лекција во креирање буџет е да има приходна и расходна страна, ако на приходната страна нема пари, не може да има трошок на расходната страна. Велите гледаме да купиме 120 автобуси, а ги нема ви буџетот, како 35 милиони за Мајка Тереза универзитетот, што ги најдовте, а во буџетот се предвидени одвај 100.000 евра“, рече Битиќи.
Тој истакна дека денеска тие шест еколошки автобуси, не изникнаа, тоа пред 5 години е влезено во програмирање, така се води држава, една партија почнува, друга ќе продолжи, тоа е нормален начин.
„Вашата градоначалничка во Скопје, требаше да купи 250 еколошки автобуси, па БРТ, за да денеска нема ни БРТ, ни еколошки автобуси, гледаме дали Белград ќе ни даде. Не само да кажуваме дека планираме, три години видовме во Скопје како се планира, и како не се купуваат 250 автобуси, порача пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, на собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Поради сообраќајна незгода, во прекин сообраќајот на патот Велес-Градско
Од 18:40 сообраќајот на регионалниот пат Велес-Градско е во прекин поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.