Македонија
Груби: Ние сме чекор напред во зголемување на вредноста на мајчините јазици

Со цел зачувување и унапредување на мајчиниот јазик, поточно одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на тркалезна маса истакна дека поддршката за употребата на мајчините јазици од страна на државата е од особено значење.
„Уставот на земјата, но и Законот за јазици овозможува официјална употреба на централно и локално ниво на некои мајчини јазици и заедно со образовниот процес што се одвива на повеќе јазици е најдобриот показател дека ние како општество имаме преземено чекори напред во зголемувањето на вредноста на мајчините јазици“, рече Груби.
Директорот на Агенцијата за остварување на малцинските права во земјава, Еран Куртиш, во својот говор на оваа тркалезна маса рече дека треба почесто да се организираат настани што ги обединуваат заедниците меѓу себе.
Заменик министерот за политички систем, Илхан Рахман рече дека Северна Македонија може да се смета за пример во однос на законските можности за употреба на мајчините јазици.
Директорот на Управата за образование, Милутин Станчиќ, во својот говор рече дека на промовирањето на повеќејазичноста и нејзиното вклучување во образованието и општеството треба да им се посвети посебно внимание, така што за децата нивниот мајчин јазик да е секогаш предност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно, ветровито и нестабилно со локален дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно, ветровито и нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува засилен, наместа силен западен ветер (над 70км/ч) во форма на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе биде нестабилно, краткотрајно во форма на невреме со засилен до силен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
В сабота во западните делови ќе има повремен дожд. Ќе дува северен ветер, кој ќе продолжи и в недела и ќе услови опаѓање на дневната температура. Потоа времето ќе биде стабилно со благ пораст на дневната температура.
Македонија
(Видео) Силниот ветер ја влоши состојбата со пожарот во „Јасен“

Состојбата со пожарот во ловиштето „Јасен“ попладнево значително се влоши поради силниот ветер, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Јачината на ветрот постепено се зголемуваше и ни предизвика голема непријатност затоа што пожарот се движеше со исклучително голема брзина горејќи ги боровите стебла, создавајќи висока температура и многу густ и црн чад што удираше на гребенот. Нашата цел беше да го одбраниме гребенот и да не му дозволиме на овој пожар да прескокне преку гребенот од страната на селото Брезница, односно од скопска страна. Во тоа успеавме по неколку жестоки битки бидејќи огнот на неколку моменти префрли од другата страна, но благодарение на храброста на вработените во ‘Јасен’, лично овде е и директорот, еден од раководителите, со поддршка од екипа пожарникари од Македонски Брод, успеавме да го запреме по самиот гребен, ги изгаснавме местата на кои огнот префрли од другата страна и ја стабилизиравме ситуацијата“, рече Ангелов.
Пожарот сè уште се движи и создава густ чад што им предизвикува проблеми со дишењето на луѓето на теренот. На помош пристигнуваат пожарникари од Скопје, Велес и Куманово што ќе ги распоредат. Истовремено поддршка стигна и од вработените од Општината Сопиште кои цело време вршат дотур на вода, покрај другите активности. Тука се и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) на МВР.
Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.