Македонија
Груби: Од новиот објект на министерството вреден 14 милиони евра, поефикасно ќе го спроведуваме Рамковниот договор

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое го предводи првиот вицепремиер Артан Груби од денеска функционира во нови простории и нов објект со вкупна површина од 5.302 квадратни метри, кој се наоѓа на улицата Филип Втори, во непосредна близина на Македонскиот народен театар (МНТ).
На свеченото отворање присуствуаа премиерот Зоран Заев, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер Артан Груби и вицепремиерот Љупчо Николовски.
Со десетици уметнички фотографии, кожена гарнитура, маса од масивно дрво, сето тоа во честерфилд стил се опремени новите простории во објектот од „Скопје 2014“ кој досега го користела Службата за општи и заеднички работи на Владата, а отсега ќе го користат вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Премиерот Заев во оваа пригода рече дека Владата донела одлука за купување на објектот за Министерството за политички систем на 30 декември минатата година и дека оваа одлука е донесена со цел да се обезбедат максимални услови за работа на ова министерство.
Во оваа зграда првично беше планирано да се смести Државната комисија за спречување на корупцијата, но Заев рече дека за Комисијата биле предвидени пари да се направи реконструкција на постојните простории, па објектот му е доделен во трајно користење на новото министерство кое го предводи Груби.
Тој, како прв вицепремиер и министер за политички систем истакна дека овој објект во вредност од 14 милиони евра ќе биде новиот дом на Министерството.
Според него, со обезбедувањето на овој објект за Министерството за политички систем, се обезбедило и успешно функционирање на политичкиот систем, како и реализација на стратешките приоритети што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор и истовремено се обезбедила подобра координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на овој договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Седум милиони евра за проекти за развој на Штип

Повеќе од седум милиони евра се проекти коишто директно се финансирани од централниот буџет, коишто треба да помогнат во развојот на Штип, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Мицкоски посочи дека е убеден дека градоначалникот на Штип, како и до сега, така и во иднина ќе продолжи да реализира проекти за Штип и штипјани.
„Ова е еден од владините проекти од Министерството за спорт каде што има учество и општината, но најголем дел е од Министерството за спорт. Но, не е само ова, во првиот и во вториот јавен повик повеќе од седум милиони евра се проекти коишто директно се финансирани од централниот буџет, коишто треба да помогнат во развојот на Штип. Јас сум убеден дека градоначалникот, како и досега, така и во иднина, со вонредниот свој, би рекол, проектен менаџмент, ќе ги сработи овие проекти, и ќе додаде вредност во животот на Штип“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Осветување на храмот „Св. цар Константин и царица Елена“ во Скопје

На 28 септември, со почеток во 8.30 часот, ќе се изврши осветување на храмот „Св. цар Константин и царица Елена“ во Скопје.
„Почитувани верни чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија,
По повод осветувањето на велелепниот храм посветен на светите цар Константин и царица Елена, кој се наоѓа во срцето на градот Скопје, со особена радост ве покануваме да земете литургиско учество во овој свечен и бележит настан.
Осветувањето ќе го изврши неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение со многубројни архијереи од нашата света црква, на 28 септември 2025 година, со почеток во 8.30 часот“, соопштија од Скопската епархија при МПЦ – ОА.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Вложуваме во спортот, пуштен во употреба затворениот базен во Штип

Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштањето во употреба на затворениот базен во Општина Штип.
„Можам слободно да кажам дека Штип доби една современа, модерна физиономија, дека навистина е центар во истокот. Штип денеска делува навистина импресивно и работата на градоначалникот навистина инспирира и очекувам дека и во следните четири години ќе продолжи со истата динамика на реализација на тие проекти за уште поубав Штип, за Штип којшто ќе има уште повеќе реализирани проекти, а ние како централна Влада тука сме да ја поддржиме реализацијата на тие проекти“, кажа Мицкоски.
„Така што еве овој базен којшто претставува типска градба, како што кажа и министерот, е еден од шесте, втор по ред. Знаете дека овие проекти беа заглавени со години, 4-5 години стоеја, тапкаа во место, не беа реализирани, но еве сега со доаѓањето на оваа Влада, изминатите 15 месеци откако сме Влада, ги задвиживме овие проекти, тие се реализираат. После оној во Кисела Вода, овој во Штип е следен, следат Кичево и Битола, па потоа Ѓорче Петров и Карпош и оној во Кавадарци, се разбира.
Продолжуваме и понатаму да инвестираме во спортот, затоа што, како велат, во здраво тело здрав дух. Ние би сакале да ги навикнеме младите уште од најрана возраст да спортуваат бидејќи на тој начин се градат во вистински личности, личности коишто витешки ќе се борат во својот живот и ќе напредуваат. Така што еве, ако оваа градба овдека помогне во таа насока, јас би бил пресреќен“, изјави премиерот Мицкоски.