Македонија
Груевски: Судството на Заев суди исто како и талибанците – зошто си бил нивни противник

Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, на социјалните мрежи објави нов осврт во кој вели дека во Македонија владее талибанско правосудство.
„Заев ќе прифаќа бегалци од Авганистан за да се спасат од талибанците и талибанскиот суд, а создаде талибанско правосудство во Македонија кое целосно го контролира за случаите кои му се важни и кое обвинува и осудува по негова нарачка“, смета Груевски и додава дека кај талибаците е доволно да те осудат затоа што си бил нивни противник, што според него, не е ништо поразлично и во Македонија по доаѓањето на Заев и СДСМ на власт.
„Не им требаат ни реални докази, ни реални сведоци, ни сторено кривично дело. Откако ќе падне наредбата, сè се фабрикува, потоа сите се прават глуви и слепи, секој во системот гледа да не настрада и сè тече по издадената наредба“, посочува поранешниот премиер со политички азил во Унгарија.
Потоа тој како примери за своите трврдења ги наведува судските предмети за 27 април, „Тенк“, протестите во Центар и Сеад Кочан.
„Елементарни докази нема, ниту, пак, може да има и за случајот што неодамна го започнаа во кој ме обвинуваат дека сум купил и продал земја и дека сум купил два помали стана, кои всушност ги изнајмував, а за што имам и склучен договор за закуп. Ниту сум купил и платил, ниту сум продал нешто од ова, но судење пред изборите мора да има, а ќе се потрудат од септември да биде на неколку дена за да биде алатка во изборниот процес за локалните избори“, смета Груевски.
Тој тврди дека целосно противзаконски е започната судската процедура за предмет во кој ниту тој, ниту, како што вели, кој било од обвинетите нема сторено никакво кривично дело.
„Се работи за предмет кој планираат да го завршат со 2-3 силно уценети сведоци од нивна страна, без ниту еден материјален доказ дека нешто сум купил, платил, продал и наплатил или дека од некаде сум прибавил пари за такво нешто, ниту, пак, реално можат да го имаат бидејќи такво нешто не постои“, нагласува Груевски според кого во ваков случај само по себе се наметнува прашањето што е разликата од македонското до талибанското правосудство.
„Во Авганистан по 20 години дојдоа на власт талибаците и нивните судови кои судат по нивни правила и нарачки. Во Македонија петта година имаме талибанско правосудство под контрола на Зоран Заев во кое неподобните судии се разрешуваат со образложение дека се прави некаков ветинг. И премиер и министри и лажни и уценети сведоци, кои мислат дека вечно ќе биде вака како што е сега. Дека ние ќе бидеме толку многу години осудени и уништени, што тие вечно ќе се мирни, спокојни и среќни“, наведува во објавата побегнатиот поранешен премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.