Македонија
Г.г. Стефан: Страдањето во Кочани нè соочи со суровата стварност на смртта, само надежта во воскресението ни даде утеха

Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега, по страшниот пожар во Кочани во кој пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението, порачува архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Пасхалното послание.
Во посланието од поглаварот и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, се посочува и дека оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, на кој е донесена одлука со која е најавено воскреснувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
ПАСХАЛНО ПОСЛАНИЕ
† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
Јас сум воскресението и животот.
Оној што верува во Мене, и да умре, ќе живее[1].
Возљубени празникољупци,
Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодивме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него.
Светата Црква учи дека Христовото искупително дело за спасението на човечкиот род, потполно и конечно се оствари преку Неговото тридневно воскресение. Сè што беше пророкувано и очекувано во Стариот Завет, кога се исполни времето[2], се оствари во Неговата личност и во Неговото дело: Господ се воплоти, доброволно се распна, се предаде на страдања и смрт, и воскресна во слава и величие.
Затоа, со кој јазик да го искажеме и со кои зборови да го опишеме нашето благодарно ликување?! Со какви стихови долично да ја испееме највеличествената химна за Христовото воскресение?! Исправени во созерцание пред адскиот мрак кој се заканува да нè погуби, а восхитени од Христовото славно воскресение, го слушаме одекнувањето во нас на божествениот глас кој повикува: Врви по Мене![3] Оттаму на овој празник обилно се излева неискажлива радост, та на почетокот од воскресната богослужба, среде ноќта, пееме: „Пријдете, примете светлина од незаодливата Светлина, и прославете Го Христа Кој воскресна од мртвите!“[4]
Возљубени чеда во Господа,
Чудесната вест, објавена од ангелот во тишината на празниот гроб, дека Христос воскреснал, до денешен ден допира до сето создание и постојано донесува нова радост и нови надежи. А Бог, како бесконечен и совршен, немаше потреба од Воплотувањето. Победата над смртта со смрт, Тој не ја извојувал заради Себе, туку за да им дарува живот на оние во гробовите и да ги ослободи заробените од смртта. Па, Господ Христос ја поднесе жртвата не за Себеси, туку за нас да нè украси со венецот на победата и на животот!
Бог го создаде светот добар, и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе! Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот!
Спасителот, Господ Исус Христос, го победил злото на Крстот, а оние коишто веруваат ја наследуваат таа победа, сораспнувајќи се со Него. Подвижничкото чување на Божјите заповеди значи човекот да се уподоби на Бога, за, како што вели светиот апостол Павле, да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, сообразувајќи се со Неговата смрт, та некако да го достигнам воскресението на мртвите[5].
Возљубени во Христа воскреснатиот,
Нема воскресение без распетие, како што нема ниту вистинска радост на која не ѝ претходеле горчливи солзи. Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега. Имено, во текот на овогодишниот предвелигденски период пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени во страшниот пожар во Кочани. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. Затоа годинашнава велигденска светлина ја очекувавме и ја дочекуваме со уште поголема духовна усрдност.
И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели[6].
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле Одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Воедно, годинава нашата помесна Црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој Црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за Словото Божјо и, следствено, за вистинитоста на Неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во Неговата природа[7] и за наше совоскреснување со Него!
Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со „Христос воскресна“ – „Навистина воскресна“, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ[8]. Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“! Амин!
Честит Велигден!
Христос воскресе!
† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
† ПЕТАР,
Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски
† НАУМ,
Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ,
Митрополит Повардарски
† ЈОВАН,
Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ,
Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН,
Митрополит Европски
† ИЛАРИОН,
Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ,
Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ,
Митрополит Кумановско-осоговски
† ЈОАКИМ,
Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО,
Епископ Делчевско-каменички
Велигден, 2025.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица се чека еден час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: СДС е последната партија што може да зборува за правда и култура

„Кога СДС зборува за правда, тоа звучи исто како крадец да држи предавање за чесност. Кога СДС зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека го изгаснал пожарот. СДС, како и секогаш, кога институциите конечно почнуваат да работат професионално, после хаосот што го оставија зад себе, се обидува да шири лажни вести, страв и дезинформации. Тоа не е ништо ново, тоа е нивна стара стратегија – кога немаат аргументи, измислуваат афери“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Меѓутоа, јавноста добро памети.
Во време на СДС:
– се гасеа истраги и се уценуваа обвинители;
– криминалци од врвот на власта беа заштитени како свети крави;
– граѓаните беа сведоци на политички прогон на неистомисленици;
– Врховниот суд беше партиски штаб, а Советот на јавни обвинители нем набљудувач на криминалот.
Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци.
Културните работници, вистинските уметници и институциите денес конечно здивнаа. Заврши времето кога маички XXL и авионски карти за егзотични дестинации се купуваа од државни пари, додека проекти од национална важност беа одбивани.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи притисоци врз обвинителството, но ниту ќе дозволи заштита за било којшто се огрешил пред законот – без разлика на партиска, етничка или друга припадност.
Тоа е разликата меѓу нас и нив!
Ние се бориме за држава на еднакви, не на привилегирани!
Тие се борат да се вратат на власт за повторно да ја контролираат правдата и да продолжат со грабежот.
Но времето на криминалците заврши.
Македонија е во рацете на чесните граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Струмичко-скопскиот епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо по повод упокојувањето на папата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на Светол Понеделник, 21 април 2025 година упати писмо до сите парохии и монашки заедници во Македонија по повод упокојувањето на папата Фрањо.
„Драги браќа свештеници, чесни сестри и верници,
Со голема тага, но и со вера во воскресението и животот вечен, денес во утринските часови на Светол Понеделник, 21 април 2025 година, Господ го повика кај Себе Својот слуга, и наш возљубен пастир, Петровиот наследник, папата Фрањо.
Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации.
Во овие денови на жалост, како Црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку папата Фрањо. Со вера и надеж да молиме од Воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелските зборови: Добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар! (сп. Матеј 25,21) и да го прими во Неговото царство.
Ги повикувам сите свештеници и монашки заедници, како и сите верници да се обединат во лична молитва за покојниот папа Фрањо и одредувам денес од сите цркви во 15.00 часот да се огласат камбаните, пропратени со молитви на верниците. Одредувам ден пред неговиот погреб во сите цркви да се служи света Литургија задушница за папата Фрањо“, се наведува во писмото.