Македонија
„Дадовме се од себе да го спасиме Ферус, но мозочниот удар беше многу силен“, велат од болницата „8 Септември“

Ферус Мустафов почина по речиси еден месец лекување во Градската општа болница „8 Септември“ по силен мозочен удар. Директорот на болницата Христијан Костов за „Макфакс“ вели дека лекарите дале се од себе за да му помогнат.
„Беше примен на 26 април со масивен мозочен удар. Беше во кома и беше ставен на респиратор веднаш по приемот. Се разбуди по една недела, му го тргнавме респираторот, му направивме трахеостома за да може да диши самостојно и да се храни на уста, но имаше и други коморбидитети кои ја комплицираа состојбата. Имаше висок шеќер, хроничен миокардит, проблеми со бубрезите, последната недела му правевме и дијализа. Последните денови повторно беше во кома. Лежеше на интензивна нега на неврологија. Сторивме се што можевме за да го кренеме, но ударот беше многу силен и направи многу оштетувања. Почина ноќеска, половина час по полноќ“, вели директорот Костов.
За смртта на кралот на ромската музика, како што и беше познат на јавноста, известија негови блиски. Мустафов е роден 1950 година во Штип, каде што, според најавите на семејството, ќе биде и погребан оти многупати им кажувал дека кога ќе дојде судниот ден сака да биде погребан во родниот град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Погрешно испечатени ливчиња во Ново Село и наводи за поткуп во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе

Денешното гласање до сега поминува мирно без поголеми нарушувања на изборниот процес, соопшти Јавното обвинителство.
„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело“, се наведува во соопштението.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска усно е известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.
Има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.
И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а обвинителството тесно се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.
Од Обвинителството наведуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
(Видео) До 11 часот и 15 минути гласале 9,38 проценти од избирачите

До ДИК, до 11 часот и 15 минути не се пристигнати информации за евентуални проблеми со кои би се соочувале избирачките одбори на терен или некои поголеми непријатности, известија од Државната изборна комисија.
До 11 часот и 15 минути пристигнати се податоци за одѕивот на граѓаните на Локалните избори од 3139 избирачки места, од вкупно запишани 1 645 583 гласачи, на овие избирачки места гласале 154 275 односно 9,38 проценти, соопштија од ДИК.
Овој изборен процес го набљудуваат 1484 набљудувачи, од кои 807 домашни, 640 меѓународни и 14 странски новинари.
Најголем одѕзив има во Берово, Богданци, Бутел, Вевчани, Виница, Гевгелија, Градско, Дебарца, Демир Капија, Зелениково, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Новаци, Пробиштип, Ранковци и Чашка.
Најмал одѕив има во Сопиште, Центар Жупа, Боговиње и Врапчиште.
Македонија
Регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк

За време на предизборниот молк, во текот на 18.10.2025 до 07:00 часот на 19.10.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк од кои шест на подрачје на СВР Скопје, четири на подрачје на СВР Куманово, потоа СВР Велес – три, по два настани на подрачје на СВР Охрид, СВР Штип и СВР Битола и еден на подрачје на СВР Струмица. По преземени мерки не се потврдени пријавите за 15 настани, извести МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 47 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето, регистриран е само еден настан“, додаваат од МВР.