Македонија
Дали луѓето може да си дозволат да платат за здравствена заштита? – СЗО објави извештај за Македонија

Луѓето во Северна Македонија сѐ повеќе имаат пристап до јавно финансирана здравствена заштита, но катастрофалните трошоци за здравствена заштита остануваат предизвик, открива новиот извештај на СЗО/Европа објавен денес. Извештајот „Дали луѓето може да си дозволат да си платат за здравствена заштита? Нови докази за финансиската заштита во Северна Македонија“ испитува до кој степен луѓето во Северна Македонија се соочуваат со финансиски тешкотии кога користат здравствени услуги. Тој е дел од серија национални извештаи за следење на финансиската заштита во здравствените системи во Европа.
„Првпат имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи Северна Македонија во последните години“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, на настанот за претставување на извештајот.
„Посилната примарна здравствена заштита, пократкото време на чекање и поголемиот опфат со здравствено осигурување ја подобрија финансиската заштита во земјата. Сега е време да се надгради овој успех за да се обезбеди секој човек да има пристап до потребните здравствени услуги“.
„Во последните години, Европската комисија постојано ја потенцираше потребата од инвестиции во опрема и капацитети во здравствениот сектор во Северна Македонија, како и од мерки за запирање на одливот на медицински персонал од националниот здравствен систем. Анализата на СЗО за финансиската заштита во здравствениот систем на Северна Македонија ја потврдува оваа проценка и дава увид во финансирањето на здравствените услуги во земјата. Северна Македонија треба да развие организациски и раководни структури, како и клучни функции и вештини, за да обезбеди ефективно управување, планирање и раководење со својот јавен систем за здравствена заштита. Особено се потребни се мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување. Поддршката на ЕУ за изработката на стратегија за здравје за периодот 2021-2030 ќе придонесе за подобро здравје за сите“, рече Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.
Катастрофални приватни плаќања
Во 2018 година над 6 отсто од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита). Извештајот покажува дека катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.
„Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите на Северна Македонија да создаде подобар систем од оној пред кризата“, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО во Северна Македонија.
Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа.
Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија:
· да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување,
· да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и
· да се отстранат причините за неформални плаќања почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.
Во извештајот се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.
„Овој извештај доаѓа во вистински момент кога се соочуваме со акутна потреба од брз одговор на пандемијата на Ковид-19 и премин кон поодржлив и поотпорен здравствен систем, во кој ниту еден човек нема да биде заборавен. Министерството за здравство ќе се обврзе да ги спроведе препораките од извештајот за да се намалат финансиските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните при користењето здравствени услуги, како што земјата напредува кон универзална здравствена заштита и гради подобар систем од оној пред пандемијата“, истакна министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
Овој извештај е дел од серијата национални студии за собирање нови докази за финансиската заштита во здравствените системи во Европа. Финансиската заштита има клучно значење за универзалната здравствена заштита и претставува основен елемент на функционирањето на здравствениот систем. Регионалната канцеларија на СЗО за Европа им нуди на своите земји членки техничка поддршка за финансирање на здравството преку Канцеларијата на СЗО за финансирање здравствени системи во Барселона. Регионалната канцеларија на СЗО за Европа покрива 53 земји, од Атлантскиот до Тихиот Океан.
Извештајот за Северна Македонија е делумно финансиран од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR) на Европската комисија во рамките на проектот „Зајакнување на отпорноста на здравствените системи во Западен Балкан“. Овој тригодишен проект ќе придонесе за ублажување на влијанието на Ковид-19 во регионот на Западен Балкан и за поддршка на регионот на патот кон универзална здравствена заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.