Македонија
„Дали службите за безбедност и разузнавање под водство на кадри на СДС го следеле и прислушувале Мицкоски со знаење на обвинителот Коцевски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Злоупотребата на институциите во партиски и политички цели веќе е видено сценарио од СДС, поинаку тие и не знаат. Разликата во последниот случај е во тоа што ги злоупотребиле и ставија во служба на партијата едни од најзначајните институции кои треба да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, и тоа, поддржани и потпомогнати од судско обвинителската власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче ги злоупотребиле Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност за да го следат и прислушкуваат претседателот Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени, јавни личности.
Со цел хајка и политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, како и замолчување на гласот на новинарите и уцена на бизнисмени во периодот од 2019-2024 година службите за безбедност и разузнавање работеле за СДС, наместо за државата.
Сознанијата кои ги имаме говорат дека претседателот Мицкоски неосновано бил ставен на оперативна обработка од страна на службите под водство на кадри од СДС, со единствена цел за политичка елиминација.
АНБ и АР водени од кадрите на СДС како Виктор Димовски, Заре Милошески и Еролд Муслиу ја следеле комуникацијата на претседателот Христијан Мицкоски, неговото движење и неговото делување.
Слободата на говорот, на движење и делување се загарантирани со закон и Устав за сите граѓани на Македонија, додека ваквиот начин на злоупотреба на виталните безбедносни институции за следење на политичкиот противник се методи кои ја заробуваат државата и се спротивни на сите закони и прописи.
Овој случај сериозно ја нарушуваат демократијата, но и безбедноста на државата и граѓаните и ваквите методи се крајно тоталитарни, несвојствени за западните развиени демократии.
Но она што од друга страна ја запрепастува македонската јавност е молкот на Јавното обвинителство, иако сите овие информации ги има во подетална форма поткрепени со факти и докази.
Бараме ЈО итно да отвори случај и да бара одговорност раководните лица на институциите во тој период, како и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС.
Освен одговорност, очекуваме и одговори дали сегашниот главен јавен обвинител, Љупчо Коцевски бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019 до 2024 година?
Исто така треба да се одговори, кому и зошто му служеле прислушкуваните материјали и дали со добиените информации се тргувало со влијание, се замолчувале новинари и се уценувале бизнисмени?
Со сето ова веќе станува јасно зошто СДС не гласаше за разрешувањето на Коцевски, а можеби и главно обвинителската функција му е награда за сработеното со ПИМ мерките?
Од друга страна Венко Филипче е опкружен со истите луѓе кои прислушкувале и го злоупотребувале државниот систем и денес тие се дел од понудата на партијата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

