Македонија
„Да газиш и да кинеш, да уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала, платила и плаќа, вложува во тебе – е злосторство и треба да одговараш“, рече Димитриевски

Денеска како човек но и градоначалник на сите граѓани во Куманово од почит кон моите сограѓани од Албанската заедница го честитав денот на албанското знаме а воедно и во рамки на годишната програма за култура со едногласна одлука на советот беше подржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово и лидер на ЗНАМ.
„За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата па и во мое Куманово особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме е за секаква осуда.
– Јавно ги осудувам ваквите настани и барам од институциите на прогонот да истите вакви поединци и групи ги открие и изведе пред лицето на правдата и истите да бидат санкционирани според закон. Истото го очекувам и за мои колеги градоначалници на кои оваа не им е прв пат да го кршат законот без да поднесат одговорност.
Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија како и сите представници на меѓународната заедница.
– По оваа денеска на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или пак само фарса?
– Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон.
Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложува во тебе е злосторство против истата и треба да одговараш“, вели Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посакувам среќа да се победи во барем една општина: Костадинов до СДСМ откако најави ново делување

Aктуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, објави на социјалните мрежи дека поради тешката состојба на неговата партија ќе започне со ново интерпартиско делување.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, пишува Костадинов.
Се повикува на целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини, како што вели, авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, „тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.
„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, додава тој.
Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.