Македонија
Двајца пратеници во изолација, откажана собраниската седница бидејќи нема кворум
Пропадна одржувањето и на утрешната собраниска седница, бидејќи нема кворум поради тоа што двајца пратеници се во изолација како последица на коронавирусот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кажа дека побарал кворум да направи опозицијата, но од ВМРО-ДПМНЕ поставиле услов, кој тој одбива да го прифати. На дневниот ред има и две интерпелации на двајца министри. Следна шанса да се одржи пленарна седница на Собранието е во четврток, кога еден од двајцата изолирани пратеници треба да излезе од изолација.
„На деветти март свикав седница која треба да се одржи утре, 23 март. На утрешната седница се поставени 30 точки за разгледување. На денешната координација имајќи ја предвид здравствената состојба на пратениците, меѓу нив и на двајца од мнозинството дека се изолирани и спречени да учествуваат во утрешната работа, како прва точна на координацијата прашав за кворумот. На оваа координација имаше условување. Прва реакција беше на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, кој укажа дека се подготвени да прават кворум, но под услов, од 30 точки на дневен ред, да останат 1, 9,10, 11 а другите да се тргнат од дневен ред. Прво тоа е процедурално невозможно и укажав дека ако се воспостави таа пракса, тоа ќе биде и во иднина пракса за нови условувања. Тие побараа другите точки да не се разгледуваат, укажав дека внесување на такво правило е ризично за функционалноста на Собранието во иднина, не само во овој мандат. Воспоставена пракса на условување на точките на дневен ред. Така што, ни лично ни институционално, такви услови нема да прифатам бидејќи се спротивни на Деловникот. Јас ќе почекам неколку дена. До четврток едниот од пратениците треба да биде ослободен од изолацијата и соодветно да одговориме со мнозинство“, рече Џафери.
Тој одново побара сите пратеници да се вратат на работа.
„Апелирам до пратениците да се разумни, овде се во име на граѓаните, без оглед на оправдувањето дека претставуваат граѓани кои гласале за опозицијата. Собранието не е на власта или опозицијата. Законите и тоа што произлегува од нив се за граѓаните на Македонија, а не за граѓаните кои гласале за власта или опозицијата. Блокираните закони се во интерес на граѓаните. Ова блокирање не им оди во прилог на граѓаните и државата. Апелот е да се вратат на работа и да го работат она за што се платени“, додаде Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

