Македонија
Два македонски тима во конкуренција за глобална награда на НАСА
Два македонски тима составени од 9 млади девојки и момчиња на возраст од 15 до 19 години ќе нè претставуваат на светскиот натпревар за иновации за Земјата и вселената – NASA Space Apps Challenge, во организација на вселенската агенција НАСА и ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти пред врвни експерти. Двата победнички тима интензивно работеа и по завршувањето на домашното издание и во текот на изминатава недела дополнително ги унапредија своите решенија со поддршка на менторите. Тие се сега во трка за една од 6-те глобални награди од НАСА со можност да добијат покана за посета на „Кенеди спејс центарот“ во Флорида и да присуствуваат на полетување на ракета во текот на 2021 година.

Изминатиот викенд Скопје беше дел од најголемиот хакатон во светот, NASA Space Apps Challenge на кој учествуваа над 25.000 учесници од 200 виртуелни локации на 5 континенти.
На виртуелната церемонија за прогласување на најдобрите свое обраќање имаше Лук Захнер, канцелар за односи со јавност на Амбасадата на САД во земјава, а ексклузивно предавање за учесниците одржа Николас Скајтланд, заемник-шеф на NASA за технолошки истражувања. За време на церемонијата им беа доделени трофеите и наградите за Прво место на членовите на тимот AtomZ составен од Матеј Милосиевски (16), Орхан Багашов (17), Андреја Поповиќ (17) и Тео Китановски (15), сите од Средното училиште „Јахја Кемал“, за второ место на членовите на тимот EXCEL-erators составен од Јана Мајнова (18) од гимназијата „Јосип Броз“, Никола Лазаревски (19) и Бисера Петроска (19) од Факултетот ФИНКИ, Никола Индовски (19) од Факултетот ФЕИТ и Бојана Стефаноска (18) од Универзитет во Нова Горица. Наградата People’s Choice (избор на публиката) му припадна на тимот MySystems од Гостивар составен од членовите: Седеф Ќамили (19), Исра Азизи (18) и Мустафа Ести (19). За најдобар ментор за време на натпреварот самите учесници го избраа Александар Бојковски од компанијата Symphony Solutions.

Првопласираниот тим работеше на развивање на поиновативна верзија на алат кој веќе го користат астронаутите на Меѓународната вселенската станица, од причина што актуелната верзија има повеќе проблеми и досега предизвикала и оштетувања на станицата. Притоа требаше да ги земат предвид специфичните надворешни и внатрешни влијанија, како и карактеристиките на различните видови материјали. Одлуката на глобалната жири-комисија ќе биде позната околу Нова година.
Во рамките на главниот настан, по 6-ти пат се организираше и натпревар за најмладите, на возраст од 4 до 14 години, со можност поискусните да се натпреваруваат на таканаречени „Младински предизвици” и да влезат во конкуренција со повозрасните.
Настанот е во организација на „Њуменс бизнис акцелераторот“ и Фондацијата „Голдилокс“, а традиционално е поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

