Македонија
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ си замина од Мечкин Камен: „Власта не го пушти народот што не е за СДСМ да присуствува“

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ си замина од Мечкин Камен пред обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, обвинувајќи дека власта не го пуштила народот што не е за СДСМ да присуствува на Мечкин Камен.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ си заминува затоа што не планираат да бидат дел од митинг на СДСМ, со оглед на тоа што, како што истакна, манифестацијата е партиска.
„СДСМ, за жал, не успеа да се надмине себе. Донесоа тука исклучиво партиски активисти кои што од рано утрото од пет часот ги носат со автобуси со наредба да ја расипат манифестацијата и на сите кои што не се членови на СДСМ вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ им е забрането да пристапат тука, за што бевме информирани пред почетокот на оваа манифестација. На одредени луѓе кои што беа дел од оваа наша делегација им е забрането да пристапат тука. Не знам од што се плашат, веројатно се плашат од народот, а гледаат веројатно и сфаќаат дури и со партиски активисти не успеаја да го наполнат Мечкин Камен, затоа што Мечкин Камен може да се наполни само и исклучиво со македонски народ кој што доаѓа со чесна мисла а не под политичка наредба“, изјави Николоски.
Прашан дали им било кажано на граѓаните од кои причини не им е дозволено да присуствуваат на настанот, Николоски рече дека образложението било оти ги немало на протоколарната листа.
„Јас лично бев да интервенирам кај неколку, го повикав и владиниот протокол, ги немало во протоколарната листа, очигледно само членовите на СДСМ ги има во протоколарната листа и затоа ние сега ќе си заминеме“, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.