Македонија
Делегацијата на ЕУ ги додели наградите за истражувачко новинарство

Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство беа доделени денеска во хотелот „Александар палас3 во Скопје.
Првата награда на годинешниот конкурс за најдобра истражувачка сторија објавена во 2019 година му беше доделена на новинарскиот тим на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРИ) за сторијата со наслов „Урбани атентатори“ .
„Она што е важно за оваа приказна е што има мултидисциплинарен пристап. На неа работеа млади режисери, аниматори и најважно млади новинари. Но, исто така е важна и соработката со државните институции, како и реакцијата на граѓаните“, рече Сашка Цветковска од ИРЛ.
Втората награда им припадна на Снежана Лупевска, Миомир Серафиновиќ и Билјана Николовска автори на серијалот истражувања, дел од емисијата „Код“ со наслов „Кичевски убиства – осуден на доживотна казна и прогласен за виновен за убиство што не го сторил“.
„Морам да кажам дека многу ни беше мачно кога ја работевме оваа сторија која бараше многу копање, контакти, патувања. Но, уште помачно му е на осуденикот, кој отслужува доживотен затвор затоа што и покрај сите овие наши истражувања и сторија не успеавме да го помрднеме правосудниот систем да ги прегледа сите овие докази кои ние им ги претставивме на гледачите“, рече по добивањето на наградата Серафиновиќ.
Третото место, односно наградата за истражувачка сторија со извонреден квалитет ја доби Петар Клинчарски од редакцијата „360 степени“ за сторијата „Денационализацијата заглавена во корумпираност и неспособност на институциите“ .
„Процесот на денационализација, како што видовме и во овој сегмент од сторијата, изобилува со неефикасност, нестручност на институциите, а беше посочувано и на сомнежи и индиции за незаконско постапување и злоупотреба на моќта. Она што е најважно веројатно е немањето политичка волја за решавање на споровите поврзани со денационализацијата“, изјави Клинчарски по добивањето на наградата .
Наградите на добитниците им ги врачи шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.
„Оваа награда има за цел да ја препознае специфичната работа на истражувачките новинари преку годината. Промовира слобода и одговорност. Слобода да се истражува и пишува за прашања од јавен интерес без страв од казна или притисоци. Одговорност, затоа што има одговорност и кај новинарите, особено кај истражувачките новинари – да ги применуваат највисоките професионални и етички стандарди во нивната работа и да се осигураат дека нивната работа е детална, авторитетна и заснована на факти и може да се спротивстави на секоја критика“, рече амбасадорот Гир на отворањето на церемонијата .
За изборот на наградените истражувања задолжена беше тричлена жири-комисија составена од Весна Никодиновска од Македонскиот центар за медиуми, како претседател на жири-комисијата, Милица Шариќ од Центарот за истражувачко новинарство на Србија и Марина Костова, уредник во „Сакам да кажам“. Тие разгледуваа 11 стории кои го минаа процесот на претселекција од 24-те кои пристигнаа на конкурсот.
„Имавме голема одговорност пред нас. Трите стории за кои колку што е можно пообјективно решивме да бидат наградени ја содржат можеби најзначајната карактеристика на истражувачкото новинарство – ‘копање подлабоко’и обелоденување на она што е под површината. На крај, сакам да ги охрабрам новинарите во Македонија, но и медиумите да продолжат да работат на истражувачки стории, бидејќи без разлика на тоа што сме преплавени со псевдо медиуми, дезинформации и слично, истражувачкото новинарство сè уште се цени и повеќе од кога и да е им е потребно на нашите демократии кои се во развој“, рече во својата порака претседателката на жири-комисијата Никодиноска.
Севкупна цел на ЕУ- наградите за истражувачко новинарство е да ги промовираат извонредните постигнувања на истражувачките новинари од Западен Балкан и од Турција, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји кај јавноста. На годинешниот конкурс со вкупен фонд од 10.000 евра можеа да аплицираат новинари од Македонија со стории од кој било формат објавени во текот на 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.