Македонија
Во Штип денеска гласаат затворениците и болните и немоќните лица
Државната изборна комисија информира дека во текот на денешниот ден за предвремените избори за градоначалник на општина Штип и Пласница, своето право на глас ќе можат да го остварат лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор и болните и немоќните лица.
На гласачките места во казнено поправните установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 67 гласачи кои се од општина Штип и еден гласач од општина Пласница.
Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без никакви проблеми.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори ќе го спроведат и гласањето на лица кои се болни или немоќни, или во куќен притвор.
Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 142 гласачи кои се пријавиле како болни или немоќни, и тоа 66 глсачи во оптина Штип и 76 гласачи во општина Пласница.
Денеска се спроведува гласање во еден центар за вонсемејна грижа каде што се сместени двајца гласачи кои се од општина Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити: Нема да се изгради базата за асфалт во Визбегово
Реакциите на граѓаните за стопирање на изградбата на базата за асфалт во Визбегово не останаа нечувствителни како во претходните случаи. Сега, со Меџити на чело на Министерството за животна средина, овој проект ќе биде стопиран, бидејќи е потврдено дека ќе го загрози здравјето на граѓаните и животната средина, велат од ВЛЕН.
Првиот заменик премиер и министер за животна средина, Изет Меџити, соопшти дека, како што ветиле пред изборите, базата за асфалт во Визбегово нема да се изгради.
Меџити изјави дека вчера ја посетил Индустриската зона Визбегово, каде што се сретнал со претпријемачи од оваа скопска зона.
„Заедно разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат, како што се проблемите со патот и пристапот до областа, како и за главното прашање што го покренаа граѓаните и бизнисите во знак на протест: планираната изградба на Асфалтната база. Го зацврстив нашиот став дека ги слушаме граѓаните и стопанствениците и ги информирав дека ја укинавме одлуката за изградба на асфалтна база во оваа индустриска зона. Оваа одлука е донесена земајќи ги предвид нивните аргументи кои ја нагласуваат штетата што таквата активност би ја донела за здравјето и животната средина. Ги поддржуваме бизнисите, но не по цена на здравјето и природата“, напиша Меџити.
Македонија
Гаши за уставните измени до Нова година: Собранието е спремно да ја почне процедурата веднаш штом ќе има политички договор
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, смета дека измените за внесување на Бугарите во Уставот во Собранието ќе поминат многу лесно, но за да почне процедурата, ќе чека политички договор. По денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање дали јавноста да очекува уставни измени до Нова година, Гаши рече дека сè е спремно.
„Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, вчера порача дека неопходно е да има уставни измени за земјата забрзано да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.
Македонија
Нови средства за зелени проекти – Европската банка за обнова и развој инвестира во македонската енергетика
Стратегијата 2025–2030 предвидува нови средства и подршка за зелени проекти – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја зајакнува соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), соопштија од ова министерство.
Министерката за енергетика и рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржа продуктивна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој на Македонија.
Една од главните теми на состанокот беше новата Стратегија за Северна Македонија за периодот 2025–2030 година, која е во фаза на изработка. Оваа стратегија има за цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува земјата и да го зајакне одржливиот развој. Нејзината финализација се очекува во првата половина на 2025 година, а ќе биде насочена кон поддршка на зелена економија, одржлива инфраструктура и регионална интеграција.
ЕБРД, како главен институционален инвеститор во земјата, ја реафирмираше својата посветеност за поддршка на реформите во инфраструктурата и енергетиката. Особен фокус беше ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската мрежа и унапредување на прекуграничната поврзаност.
Претставниците на Министерството и ЕБРД истакнаа дека досегашната соработка донесе значајни резултати, вклучително и финансиската поддршка за изградба на првите соларни фото-волтаични капацитети во сопственост на ЕСМ, како и проектите за проширување на капацитетите во Осломеј и термоелектраната Битола.
ЕБРД досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и зголемување на ликвидноста на енергетскиот пазар.
Министерството за енергетика и рударство и ЕБРД, како што е нагласено, остануваат посветени на редовни средби и партнерство со цел остварување на заедничката визија за економски напредок и зелена иднина.