Македонија
Денес во Дебар Маало настан по повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски

По повод 73. роденден на големиот драмски автор Горан Стефановски, денеска, кај спомен-клупата во Дебар Маало ќе се одржи настанот „Горан е тука“.
Како што стои во соопштението на Општина Центар, на одбележувањето ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“ и ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска – Костовска и Трајанка Илиева – Вељиќ.
Со свои настапи, додаваат, ќе се приклучат и пријатели од неговата младост, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, додека неговиот син Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
-Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големи колони на границата со Грција пред празникот

Големи колони на возила можат да се забележат вечерва на граниниот премин „Богородица“ кон Грција.
Со оглед на тоа што утре е неработен ден, 1. Мај, голем број грѓани се упатија кон туристичките места.
Како што може да се забележи на видео камерите, на останатите гранични премини нема големи задржувања.
Македонија
Поддршка од министерот за правда за Пандов чијашто куќа беше запалена: „Случајот бара одлучна акција“

Министерот за правда Игор Филков најостро го осудува палењето на куќата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и бара одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого казнат можните сторители.
„Најостро го осудувам палењето на куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата. Овој случај како и неколкуте други случаи поврзани со лицата вработени во УИС и затворите, бараат одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого ќе се казнат можните сторители“, вели Филков.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, претходно, на социјалните мрежи објави дека му бил запален домот. Нема да не запрат и нема да не поколебаат, напиша тој.
Македонија
Кирков: Вработените во ЗОО последно земале февруарска плата

До Стефан Кирков, којшто е член на Советот на Град Скопје, пристигнала молба од вработените во скопската Зоолошка градина и барање за реакција и помош. Го известиле дека последна плата која ја земале е фебруарската плата и одтогаш немаат никакво примање.
„Веќе сме мај, а овие вработени се оставени без примања и навистина сум запрепастен до каде ќе се оди со непрофесионалноста во ова раководство на Градот и кадрите кој ги поставува?! Вработените од утре ќе бидат и без здравствено осигурување !!! Поминаа празници како 8ми Март, Рамазан Бајрам , Велигден на праг е и 1ви Мај а вработените се оставени и заборавени замислете да им се исплати плата !!! Цели фамилии страдаат од нечија непрофесионалност!“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој ги проѕва Град Скопје , Данела Арсовска и Зоран Попов сигнализирајќи и дека состојбата може да доведе до протести.