Македонија
Десетици нови авио дестинации, политиките во авиосообраќајот даваат резултати, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Политиките во авиосообраќајот даваат резултати, за само неколку месеци десетици нови дестинации од двата домашни аеродроми и преговори за десетина нови авиолинии за подобар квалитет на животот на граѓаните. На скопскиот аеродром слетаа првите авиони на ново воведените линии Барселона – Скопје и Лион – Скопје. Директни летови од Шпанија, Барселона 2 пати неделно и од Франција, Лион 3 пати неделно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Политиката на субвенции што ја води Владата и Министерството за транспорт ги даваат првите резултати. Нови дестинации, за уште многу патници на скопскиот и охридскиот аеродром, нови можности, развој на бизниси, повеќе туристи.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на привлекување на нови авиокомпании и нови авиолинии. Во фокусот е развој на авиосообраќајот и зголемување на конкуренцијата на домашните аеродроми.
За само неколку месеци владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да овозможи десетици дестинации од двата домашни аеродроми, се вложува во воздушниот сообраќај и се создаваат поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните.
Исто така и се преговара за уште десетина нови авиолинии.
Скопје директно се поврза со Париз, со нова авионска линија Скопје-Париз (аеродром Орли).
Се воведе нова авио линија Охрид-Истанбул.
После 12 години повторно се врати линијата Скопје-Амстердам.
Нов чартер лет од Германија со кој најмалку 200 туристи секојдневно ќе ја посетуваат Македонија.
Две нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје и тоа: Скопје -Женева, која ќе започне да оперира од 3 ноември 2025 и Скопје-Париз (аеродром Орли).
Претходно се потпишаа и договори за воведување на линиите: Охрид – Истанбул, Охрид – Базел Мулхаус, Скопје – Дубаи, Скопје – Штутгарт“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши-ДИК: во фокусот одржувањето на повторени избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Центар Жупа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари работна средба со претставници на Државната изборна комисија: Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија; Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие Општини.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и беше оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025.
На крајот, присутните искажаа заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.
Македонија
Јаневска ќе ја почитува одлуката на Мицкоски доколку реши да ја смени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку има реконструкција на владата таа ќе остане да раководи со ресорот образование или ќе оди во друг ресор, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Мицкоски.
Јаневска посочи дека одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи.
Премиерот, додаде таа, го носи најголемиот товар за промените во државава и има право да одлучува за министрите.
„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, кажа Јаневска.
Македонија
Јаневска: Новата Стратегија за образование ќе обезбеди континуитет на започнатите ефективни промени во ресорот
Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од било која цена и затоа Владата на Македонија останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што друга алтернатива за нас не постои. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на работилницата што Министерството за образование и наука ја организираше со повеќе други институции и партнерски домашни и меѓународни организации со кои ја изработува новата Стратегија за образование 2026-2032.
Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Но, веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати, а за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе биде обезбеден со новата Стратегија за образование“, рече Јаневска.
Изрази благодарност до сите што учествуваат во изработката на стратешкиот документ и рече дека до крајот на месецот има можност некој аспект да биде надополнет или подобрен со идеја што, како што рече, ќе дојде од некој што досега не бил дел од процесот на изработка.
„Стратегијата треба да ја подигне инклузивноста, дигиталната и медиумската писменост, грижата за менталното и физичкото здравје на младите, да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни стандарди. По усвојувањето следува потешкиот дел – имплементација и мерење на постигнувањата. Затоа, енергијата што досега ја имавме треба да ја задржиме на исто ниво, а Владата ќе се погрижи да ги обезбеди сите потребни ресурси за спроведување на предвидените мерки, проекти и активности“, рече Јаневска.
На денешната работилница за изработка на Стратегијата за образование 2026-2032 учествуваа и претставници на УНИЦЕФ, УНДП; Светската банка, ГИЗ, академската и научна фела, како и претставници на бизнис заедницата.

