Македонија
Детали за случајот со Геријатрија: Директорот знаел дека пациентот е богат, барал 100.000 евра за да го смести во болницата
Директорот на болницата за Геријатрија, Мухсин Арифи, кој е осомничен за поткуп, знаел дека пациентот што требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот рекол дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан што го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да го смести болното лице во болницата.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција објави детали за случајот. Од таму соопштија дека е побаран притвор за две лица, односно за директорот Арифи и за уште едно лице што му помагало.
Првоосомничениот, односнот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.3.2025 до 8.4.2025 година, во неколку наврати, директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејство што би морал да го изврши.
Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице што боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена, добила повик од второосомничениот, кој ѝ закажал средба со директорот на установата на 19.3.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.
На средбата првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран за што имал податоци и за недвижниот имот што го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан што го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 3.4.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 4.4.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно, било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот со проверки утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот, тој треба да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Во согласност со овој договор, на 8.4.2025 година жената сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра по што на самото место бил фатен од страна на полициските службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.
Македонија
Манасиевски: Наместо свеж кадар, Филипче ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски
По само еден ден од старо-новото раководство на Заев, изгласано од Филипче, летаат оставки од општински организации на СДС и бараат оставки од Филипче, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„По толку помпезното најавување од страна на Филипче за реформи во СДС, тој го тргна Зоран и го стави Заев на неговото место. Наместо свеж, чист и нов кадар, тој ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски. Филип Андов, Јон Фрчковски, Јованка Тренчевска, Андреј Жерновски, Љупчо Фармаковски, Александар Наумоски се таканаречените нови лица на СДС. Луѓе полни со скандали, со лошо минато, луѓе без кредибилитет, луѓе кои не испорачаа кога им беше побарано од граѓаните. Некомпетентни и неквалитетни кадри“, рече тој.
А дека бродот во СДС тоне, кажа Манасиевски, доказ за тоа се неколку оставки од општински организации од Ѓорче, до Битола и Крива Паланка.
„Оставки од Филипче се бараат на секој чекор, а тој гордо ги продолжува да ги исполнува задачите кои му ги дава Зоран Заев. Реформите во СДС ќе дојдат само со формална оставка на Филипче и претседателот во сенка Зоран Заев“, рече Манасиевски.
Македонија
Општина Аеродром воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата
Општина Аеродром денеска официјално го започна проектот за системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, при што точно 50 домаќинства добија специјални канти за селекција на пластика, а во наредните фази ќе бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, соопштија од општината.
Воведувањето ваков модел на управување со пластичен отпад, акко што појаснуваат, претставува прв чекор кон систем што постепено ќе се проширува низ целата општина.
„Ова не е кампања, туку функционален систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Тој додаде дека како прва општина што воведува ваков модел, испраќа јасна порака дека одговорното управување со отпадот е можно кога постои визија, институционална поддршка и соработка со граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека Општина Аеродром ја покажува вистинската иницијатива и одговорност кон животната средина. Според него, она што е особено важно за имплементацијата на проектот „Clean AirDrom“ – Нулта цврст отпад во Општина Аеродром, е што, покрај неговото значење за заштитата на животната средина, тој претставува и пример за успешно партнерство помеѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Влада и Општина Аеродром. Преку ова партнерство е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот.
За спроведување на проектот, за поттикнување на селекцијата кај граѓаните и за предавање на селектираниот отпад на овластени компании на понатамошен соодветен третман е задолжено Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.
Со почнувањето на овој проект Општина Аеродром, додаваат од таму, директно придонесува кон намалување на мешан комунален отпад, заштита на природните ресурси и развој на свесни граѓански навики, но исто така покажува и дека нејзините еколошки политики не се само декларативни, туку практични и применливи.

