Македонија
ДИК: Заклучно со вчера потпишани 14.360 граѓани, најмногу потписи за Османи, Димитриевски и Ванковска
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/дик-потписи.jpg)
Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден вкупно 14.360 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата. Според објавените податоци на ДИК, досега никој од кандидатите за шеф на државата ги нема собрано потребните 10 илјади потписи од граѓаните.
Според пресекот на ДИК, најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 5.405. Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 3.613 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 2.758 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 1.974 потписи.
Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку од илјада потписи – Вело Марковски има 249 потписи, а кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари 246 потписи. Според податоците од ДИК, во овие два дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Државната изборна комисија, соопшти дека од денеска, се додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно ќе се ажурира.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.