Македонија
ДИК: Одѕивот до 17 часот најголем во Крива Паланка – 58,7 отсто, во земјата 38,78 отсто
Одѕивот на предвремените парламентарни избори до 17 часот е 38,78 отсто, а со оглед на ситуацијата во која се гласа овој одѕив е задоволителен, рече претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски. До 17 часот на гласање излегле вкупно 703.597 гласачи.
Најголем одѕив до 17 часот има во Крива Паланка, каде што на гласање излегле 58,7 отсто од гласачите.
Во Првата изборна единица на гласање излегле 127.007 гласачи, односно одѕивот е 41,01 отсто. Во Втората изборна единица излегле 118.270, одѕивот е 36,98 отсто. Во Третата изборна единица одѕивот е 43,87 отсто, гласале 122.181 гласач. Четвртата изборна единица има одѕив од 43, 99 отсто, односно гласале 124.276 граѓани. Во Петтата изборна единица излегле 120.184 граѓани, одѕивот е 38,22 отсто, и во Шестата изборна единица повторно одѕивот е најмал – 29,6 отсто, гласале 91.678 гласачи.
„Голем одѕив има во општина Аеродром – 42,94 отсто, Карпош има одѕив од 44,11 отсто, во Кисела Вода одѕивот е 42,26 отсто и висок одѕив се бележи и во Македонски Брод, каде што 55,65 отсто од гласачите излегле да гласаат. Во Центар одѕивот е 43,69 отсто. Во Изборната единица 2 висок одѕив има во Бутел – 40,39 отсто, 36,55 отсто во Куманово. Во Третата изборна единица во Берово одѕивот е 48,32 отсто, во Крива Паланка 58,7 отсто, каде што одѕивот е најголем во државата, Лозово – 55,93, а во Изборната единица 4 одѕив од 44,84 има во Битола, каде што излегле 35.700 гласачи. Во Кичево – 39,27 отсто, во Охрид – 41,7 отсто и во Шестата изборна единица, Тетово, има одѕив од 33,75 отсто, Гостивар – 30,32 отсто, Јегуновце – 31,99 отсто. Одѕивот е задоволителен со оглед на ситуацијата во која се гласа и очекуваме до крајот на денот гласачите да си остварат правото и да им дадат легитимитет на овие избори“, рече претседателот Деркоски.
Тој нагласи дека добиле претставки за неколку нарушувања на изборниот процес и неколку приговори за повреда на изборен молк, кои веднаш биле решени и не може да го нарушат изборниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

