Македонија
Димитриевски од Струга: Во Македонија има луѓе што можат да ги обединат граѓаните за суштестените прашања

Претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска беше во Струга.
„Струга е град сличен на градот од кадешто доаѓам. Мултиетничка средина, во која треба да се сакаме и почитуваме и да живееме заедно. Но притоа не смееме да дозволиме политиката да ги дели граѓаните и да создава чувство на граѓани од втор ред. Сведоци сме дека во нашата држава се случуваат големи неправди, а особено спрема припаданиците на македонскиот народ. Се случува еден феномен на партизација на целиот систем од оние што со пушка влегоа во Собрание, па потоа во извршната власт, а сега гледаме како ја запоседнуваат и судската власт и ги користат останатите, наводно големи партии, како привезок во коалиција, кои притоа се ставааат во целосна функција на ДУИ“.
„Токму затоа не сакам да ја оставам државата да расте и да се развива така. Затоа се одваживме да се вратиме таму каде што припаѓаме, на крушевските и АСНОМ-ските корени. Ние сакаме во суштина да ги промениме работите во
Македонија “.
Димитриевски рече дека Движењето ЗНАМ е нов политички субјект којшто сака да ги обединува, а не да ги дели граѓаните. Првенствено Македонците, а потоа и сите етнички заедници заедно. Тој посочи дека треба да се научиме како да живеме и да градиме реален соживот. Бидејќи, како што рече, соживот е да имаш права, но и обврски. Потребно е да има взаемна почит.
Тој нагласи дека целиот систем е креиран така за да биде поделен на два блока, кај македонскиот и два во албанскиот блок. И додека албанскиот блок, односно политичките субјекти, за националните прашања е секогаш единствен, македонскиот пука по сите шавови.
„Мора да се најдат луѓе коишто ќе го обединат народот. И затоа ќе ви кажам, Максим не може тоа да го направи сам. Вие сте ми потребни и не ме оставајте сам.“ потенцира тој.
„Доколку ја добијам поддршката од граѓаните на овие претстојни избори, ќе бидам Претседател на сите граѓани на Македонија. Првото нешто што ќе го направам е ќе понудам на сите политички субјекти коишто ќе ја сочинуваат идната власт, а дополнително и на опозицијата, да потпишат национална платформа за македонските национални интереси, бидејќи нам ни е тоа повеќе од потребно во овој момент“.
Тој додаде дека доколку биде избран за Претседател на државата, согласно неговата предизборна програма ќе работи на формирање на едно независно тело од експерти од Европската унија коишто ќе треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди од Стразбур против Република Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму“’.
Димитриевски, исто така, рече дека согласно Програмата ќе формира и експертски тим, од наши и надворешни експерти кој ќе има за задача да поработи и на времената рамка којашто е во сила во моментот и на нејзина адаптација на општо прифатливите и општествените услови во Македонија, согласно желбата на македонските граѓани.
„Недозволиво е како народ и како држава да бидеме негирани. Ние постоиме во континуитет и како народ и како јазик, со сопствена историја, култура и тоа е одраз на заложбите и борбите на нашите претци. Недозволиво е некој во 21 век, којшто е член на Европската унија да не негира во континуитет. Затоа сметам дека следната политичка елита, која и да е на власт, а ќе биде таа на којашто граѓаните ќе и дадат мандат, треба сериозно да се посвети на ова поле, дополнително да ја разработи оваа преговарачка рамка и со Европската унија и ова билатерало прашање да го решиме на релација Скопје- Софија. Македонија мора да продолжи на патот на евроинтеграциите, но не по секоја цена, бидејќи мора да влеземе во Европската унија со крената глава, како Македонци и како засебна нација“, потенцира Димитриевски.
Караванот на ЗНАМ денеска беше и во Вевчани, каде што Димитриевски имаше средби со граѓани, а вечерва ќе биде во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.