Македонија
Димитриевски собира потписи за претседател, ги повика граѓаните да го поддржат
Кандидатот за претседател од политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска се потпиша за официјализирање на кандидатурата во просториите на општинската канцеларија на Државната изборна комисија во Куманово.
-Ја користам приликата да ги повикам граѓаните на Македонија да дадат поддршка, бидејќи нашата цел е да воведеме нов концепт, нови стандарди, зашто Македонија тоа го заслужува. Македонија мора да излезе од црно-сивиот свет во којшто функционира, рече Димитриевски во изјавата за новинарите.
Тој потенцира дека таа промена единствено можат да ја сторат граѓаните доколку се одважат и дадат висока поддршка со собирање потписи, што пак значи дека ќе има и висок одѕив при самото гласање.
„Не само што ќе се зголеми демократијата во државата, туку и народот ќе испрати јасна порака дека сака да се случи нешто ново во државата“, рече Димитриевски.
Тој ја искористи приликата да им честита на сите кандидати кои собираат потписи во постапката и им посака успех на сите. Според него, поголем број кандидати за претстојните претседателски избори значи и повисоко ниво на демократија и развој на демократијата.
– Верувам дека граѓаните ќе го дадат последниот збор, кажа Димитриевски.
Во однос на постапката и организацијата при собирањето на потписи, Димитриевски рече дека ДИК треба детално да ги информираат граѓаните каде се и кои се точните локации каде можат граѓаните да дадат потпис и да поддржат одреден кандидат.
– Мислам дека од ДИК не е направено доволно да се информира јавноста и граѓаните каде на кои места и локации можат граѓаните да го дадат потписот за поддршка на одреден кандидат. Првенствено има мал број канцеларии, не сите општини се опфатени со матични канцеларии на ДИК и неопходен е правилник во кој ќе се дефинираат точните локации и дополнително граѓаните полесно да се информираат каде можат да ја дадат својата поддршка. Верувам дека во најкус можен рок ДИК ќе изнајде начин дополнително да ги информира граѓаните каде можат да дадат поддршка за кандидатите, а согласно законот имаат обврска да прибираат потписи, истакна Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

