Македонија
Димитров во „офанзива на шарм“ во Грција
Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, ги почна активностите во Атина и, според најавите, рано претпладнево се среќава со грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, по што ќе следи изјава.
Пред да стигне во Атина, тој даде интервју за телевизија „Скај“ во кое рече дека не е во Грција за да ја притиска тамошната влада за отстапки туку за да бара поддршка бидејќи Македонија ја посакува Грција како нејзин најголем сојузник за НАТО и ЕУ.

Стратегијата на Димитров во Атина странските медиуми ја нарекоа „офанзива на шарм“, иако непосредно пред неговото доаѓање Коѕиас порача дека нема прием во алијансата без решен спор за името на Македонија.
„Не сум тука за да извршам притисок, тука сум за да побарам помош, поддршка и разбирање. Би сакал Грција да биде нашиот најголем сојузник бидејќи ние сме соседи, ќе бидеме тука, ќе делиме граница, се надеваме еден ден, ако имаме заедничка европска иднина, да нема веќе граници. Затоа би сакал Грција да стане наш сојузник и би сакал да ги уверам народот, премиерот, владата дека навистина можеме да бидеме пријатели“, истакна Димитров за „Скај“.
Според него, двете држави треба да ја остават историјата на историчарите и да работат кон подобрување на сегашноста и иднината, со оценка дека не е мудра политика да се градат билатерални односи врз стари историски теми. Истакна дека ако двете страни направат добри заеднички чекори, иднината може да им се насмевне на двете држави. Доследно на тоа, тој посочи дека новата влада не се согласува со изградените споменици од претходната власт и дека не сака младите генерации во Македонија да растат со идејата дека Грција е непријател.

Тој не сакаше да ги соопшти ставовите околу спорот за името со кои ќе настапи пред грчката влада, но го повтори предлогот Македонија да се зачлени во НАТО и да почне преговори со ЕУ под привремената референца бидејќи е неопходно државата побрзо да се интегрира во овие институции. Посочи дека поставување рокови до кога би се решило името е тешка работа, но дека постојат конкретни идеи и предлози кои ќе бидат презентирани пред грчката страна за поодбрување на билатералните односи. Клучно за Димитров сега е да се воспостави доверба и поголема соработка меѓу двете држави.
„Треба да воспоставиме добар, достоинствен и пријателски однос и да инвестираме во него. Секако, практичните инвестиции се корисни и не говорам за решавање на големото прашање. И тоа треба да го направиме, за да се воспостават добри врски, не само лични , туку и меѓу двете држави. Мислам дека вреди да размислиме и да инвестираме во тој однос“, изјави Димитров.

Освен средбата со Коѕиас, Димитров попладнето ќе биде примен и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а предвидена е и средба со Јоргос Кумуцакос, кој е одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија. Кумуцакос беше портпаролот на Дора Бакојани во Букурешт кога Грција ѝ стави вето на Македонија за приемот во алијансата.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

