Македонија
Димитров: Време е Софија да преземе одговорност

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска беше говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“, а во рамки на вториот по ред Самит на Западен Балкан што се одржува во Скопје во организација на лондонски The Economist.
Главниот фокус на дискусијата беше ставен на важноста на зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан преку кредибилна политика за проширување на ЕУ со земјите од регионот, како прашање што е од клучна важност за иднината на Европа.
Вицепремиерот Димитров посочи дека за остварување на визијата за заедничка европска иднина потребни се функционален процес на пристапување и силно политичко ветување надополнето со конкретен исчекор.
„Доколку проширувањето се изземе од односите меѓу Европската Унија и регионот, тогаш на сцена доаѓаат други алтернативи какви што имавме во 90-тите години, кои не носат мир, просперитет и стабилност. Ангажирањето на ЕУ за овој регион да стане навистина европски, во градењето силни демократии, владеење на правото и справување со корупцијата е многу поисплатлива инвестиција отколку неговото занемарување. За враќање на надежта на граѓаните дека европската иднина е остварлива, покрај политичко ветување потребен е и конкретен исчекор. Комплетирана Европска Унија со земјите од регионот значи подобра и посилна Унија, ние сме дел од европската куќа. Мораме да работиме на надминување на економскиот јаз и да најдеме механизам да го одржуваме процесот на трансформација“, нагласи Димитров.
Тој додаде дека за европското досие на Северна Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.
„Европската Унија е сложен ентитет и сите напори и заложби за креирање функционална политика на проширување можат да бидат блокирани со противење од една земја, и тоа од причини кои не се во согласност со европските вредности на кои се заснова процесот. Во однос на Северна Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес“, подвлече вицепремиерот.
На панелот учествуваа и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер и ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.