Македонија
Димитров: ЕУ дозволи она што за нас беше најважно и што го обезбедивме со преспанскиот договор сега да биде нападнато од Бугарија

„Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер што испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме“, порача претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на „Сими симпозиумот“, што се одржува 27. пат во Грција.
„Силата на ЕУ секогаш била во принципите. Во моментот кога Европа ги напушта вредностите, тоа станува ништо. Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер што испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме”, порача Димитров.
Тој зборуваше за македонското искуство во европските интеграции и блокадите со кои земјата се соочува:
„ЕУ дозволи она што нам ни беше најважно и она што го обезбедивме со преспанскиот договор, она што Грција го прифати – дека ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, да биде сега нападнато од Бугарија. Бугарија гордо го грабна ветото откога тоа прво ни беше ставено од Франција, ужасна геостратешка грешка на Париз. И сега наместо да зборуваме за реформи, заглавени сме со срамни прашања од минатиот век, со наратив што, едноставно, е недозволив во 21 век во Европа – некој друг да ми кажува кој сум и каков јазик зборувам“, порача Димитров.
Тој зборуваше и за улогата на ЕУ на светската геополитичка сцена потенцирајќи дека со политика на компромиси кога се клучните вредности во прашање, ЕУ си ги подрива и сопствениот кредибилитет и своето значење во свет што станува мошне опасен и непредвидлив.
„Мислам дека многу европски лидери, со чест на исклучоците, не се свесни колку на долг рок нивниот молк за Газа ќе се одрази врз силата на ЕУ, на пример“, заклучи Димитров.
На панел-дискусијата посветена на демократските предизвици во Медитеранот заедно со Димитров беа и албанскиот државен министер за врски со парламентот, Тулант Бала, Мехди Јома, поранешен премиер на Тунис, Амр Муса, поранешен генерален секретар на Арапската лига, професорот по политички науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Харис Милонас, Сонер Чапгатај од Институтот „Вашингтон“ и Јахја Саид од Лондонската школа за економија.
„Сими симпозиумот“, каде што претседател е поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, е една од водечките светски конференции, која веќе 27 години се одржува во Грција, каде што се собираат речиси двесте водечки мислители, професори, актуелни и поранешни лидери и истакнати општествени дејци од целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на автопатот од наплатна рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правца, соопшти МВР

Министерството за внатрешни работи известува дека е пуштен за сообраќај автопатот од наплатната рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правци.
Истиот поради пожар кој настана попладнево (17.07.2025) беше затворен за сообраќај.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец од Скопје кон патарина Миладиновци

Во 21.25 часот сообраќајот на патниот правец од Скопје кон патарина Миладиновци е нормализиран, соопшти АМСМ.
Сообраќајот во спротивниот правец ќе биде пуштен штом се создадат услови.
Македонија
МВР: Поради пожар, затворен за сообраќај автопатот од наплатна рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правца

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека поради пожар кој настана попладнево (17.07.2025), затворен за сообраќај е автопатот од наплатната рампа Миладиновци до клучка Бунарџик, во двата правци.
Возилата се пренасочуваат кон Петровец.
МВР со апел до граѓаните, да не се упатуваат кон овој дел од автопатот се додека не се создадат услови за повторно пуштање на сообраќајот.