Македонија
Димитров за францускиот предлог: Новото пакување е истиот непоправлив дебакл

Ексминистерот за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, за францускиот предлог вели дека новото пакување е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој можеби ќе ги отвориме преговорите со ЕУ ако го смениме Уставот, ама никогаш нема да ги завршиме.
„Дури ни во пакувањето на ‘измените’ не се потрудиле многу. Прво, ако во претходното пакување преговорите требаше да се отворат по измените на Уставот, сега отворањето ќе почне веднаш, штом се потпише протоколот, ама условено оти пишува дека преговорите ќе се доотворат по внесувањето на Бугарите во Уставот. Значи, нашиот почеток е на две рати. Две рати само за да почнеме. А вистински почеток секако нема додека не се направат уставните измени бидејќи преговарачката рамка ќе се презентира дури тогаш. Втората ‘измена’, пак, е целосна измама. Ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн. ќе се внесуваа во пристапниот процес преку ‘билатералните протоколи’ по член 12 од договорот за пријателство, сега историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн. ќе се внесуваат преку ‘годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот’. Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи, туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12, со што нема дилема на што се однесува. Тоа е членот каде што се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и на примена на меркте донесувајќи документ што досега го викавме протокол“ – посочува Димитров.
Според него, станува збор за, како што вели, срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, да им се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мораме да ги преземеме и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува Европската комисија.
„Ама замислете, дури и ова не било доволно, па вториот протокол, овој што треба да го потпишат денес, утре или задутре Османи и Генчовска, што го содржи договорот по точките 4+1, тој си останува и со истиот назив – протокол. Овде не сме успеале ни називот да го смениме. И прегледот и мерките наведени во овој протокол, заедно со историските прашања, ќе бидат апсолутно дел од пристапниот процес. Значи, да нема никаква дилема, бугарските барања за историјата и за многу други теми целосно си остануваат во рамката и стануваат европски барања, како што си беа и во претходното пакување. Нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да нè донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување. Преседан што ќе го осетат на своја кожа и други земји кандидати по нас. Во врска со македонскиот јазик, и во ова пакување како и во претходното ЕУ ќе констатира дека Бугарија ќе си достави (или сега си доставила) своја позиција за нашиот јазик. Софија преамбулата ќе ја чита со Бугарите и сите други, но ќе го прескокнува делот со македонскиот народ. Ценети сограѓани, драги пријатели! Ценам дека деновиве живееме едни од најцрните денови во македонската историја по независноста“, додава Димитров.
И додека Софија си ги бетонира бугарските услови преку Собранието, додава ексминистерот. „Ние се препелкавме во калта со владини лаги цртајќи си се себеси како голема цел за европски притисок да попуштиме и да го прифатиме тоа што за сите земји членки, освен за Бугарија, беше неприфатливо – целосна билатерализација на пристапниот процес измешан со агресија врз македонскиот идентитет и наметнување на бугарскиот наратив за историјата. Владиниот тим не добил никакви подобрувања на предлогот, туку малку помош во обидот да си ги измами сопствениот народ и граѓанството. И од вчера тоа сесрдно го прави. Лага е дека историските прашања не се во рамката. Новото пакување, внимавајте, е изготвено на 23 јуни, ден пред усвојувањето на предлогот во бугарското собрание. Дали „нашите“ го добиле навистина вчера како што рекоа или, пак, си го чувале за јуриш во пет до дванаесет е прашање што може овој историски срам само да го зголеми. Впрочем, Генчовска беше единствената што вчера ја кажа вистината – нема нов предлог. Таа не можеше да издржи ни три часа со тезата дека „нема историја во рамката“. Како тоа и би било можно кога во Бугарија нема услови за нова одлука на Собранието. Вистината денес ја кажа и француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин: „Вчерашниот предлог на Франција до Бугарија и Република Македонија за решавање на спорот е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент“. На Владата ѝ се брза за да не му текне на народот“, додава Димитров.
Тој посочува и: „На Владата што за вакво историски важно прашање го лаже сопствениот народ гледам како на туѓа влада. „Затоа. апелот на премиерот да им се верува на ‘официјалните информации од институциите’, всушност, порачува да им веруваме на лагите. Ние нема да кренеме раце од стратешкиот интерес за членство во ЕУ. Но, патот што води кон членство не е оваа слепа улица што ни се нуди. Заслужуваме европски пат поплочен со реформи. Почитувани сограѓани, на Владата, што за вакво историски важно прашање го лаже сопствениот народ, гледам како на туѓа влада. Не знам дали сум повеќе згрозен од предлогот што нè носи во бескрајно измачување во рацете на Бугарија или од овој обид за измама од епски размери. Сме имале ние многу грешки во минатото. Ама ваков кукавичлук и бегање од соочување и искрен приод кон граѓанството за вака суштинско прашање не паметам. Оваа Влада мора да сноси политичка одговорност за овој срам. Оваа Влада, почитувани сограѓани, ако веднаш категорично и конечно не го одбие предлогот што веќе двапати го одби и не се извини длабоко за лагата, треба веднаш да падне! П.С. Фотографиите подолу се од оригиналниот предлог. Владата објави пречистен текст без датумот. Меѓу другото, можеби за толку очигледната „измена“ да биде помалку очигледна. Датумот, пак, ќе бара дополнително објаснување. Дури и да е заборавен и останат од некоја друга верзија, тоа речиси ништо не менува“, заклучува Никола Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петровска – Блашчак: Македонија и Полска се амбициозни во унапредувањето на одбранбената сојузничка соработка

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Варшава се сретна со нејзиниот полски колега, министерот за одбрана Мариуш Блашчак со кого разговараше за европската интеграција на нашата земја, безбедносната состојба во Европа и развојот на одбранбената соработка помеѓу двете земји – сојузнички во НАТО.
Петровска му се заблагодари на Блашчак за континуираната и гласна полска поддршка за членство на Северна Македонија во Европската Унија, при што истакна дека евроинтеграциите се уште еден начин на зацврстување на единството на европскиот континент и гарантирање на сигурноста на граѓаните.
„Северна Македонија е европска демократија која и во најтешкиот период по руската агресија врз Украина покажа дека целосно ги почитува и ги поддржува меѓународните правила и принципи. Со Северна Македонија како полноправен член, Европската Унија ќе биде побезбедна и посилна“, рече министерката на средбата.
Петровска и Блашчак изразија волја и интерес за засилување на македонско – полската билатерална одбранбена соработка, особено во доменот на заедничките обуки и вежби, при што министерката Петровска посочи дека неодамна завршената вежба „Анаконда 23“ во Полска на која учествуваа македонски офицери е пример за начинот на кој заеднички можеме да ја развиваме интероперабилноста во НАТО.
Во однос на безбедносната состојба на континентот, Петровска ја реафирмираше македонската поддршка за Украина преку хуманитарна и воена помош, имајќи предвид дека Русија ги прекрши принципите на меѓународниот поредок, а Украина има полно право да ги одбрани својата сувереност и територијален интегритет.
Министерот Блашчак се заблагодари за учеството на министерката Петровска на Варшавскиот безбедносен форум и порача дека земјата е отворена за засилување и унапредување на одбранбената соработка со Северна Македонија како земја – сојузник.
Претходно, министерката Петровска се сретна и со Стефан Дион, специјален претставник на Канада за Европската Унија и Европа, со кого разговараше за европската интеграција на земјите од Западниот Балкан.
„Северна Македонија е европска држава која ги споделува европските вредности и припаѓа во Европската Унија. Европскиот пат на Северна Македонија мора да продолжи. Тоа е одговорност на секој политички субјект во Европската Унија и во Северна Македонија и јас очекувам лидерство и храброст да се завршат преземените обврски кои ќе овозможат да чекориме на патот кон полноправно членство во Унијата“, рече министерката.
Македонија
Ако не ни ги прифатат барањата, продолжуваме со поригорозен штрајк, порачаа судските административци

Штрајкот во Обвинителството ќе продолжи.Од УПОЗ велат дека добро е што е формирана работна група за да се решат нивните барања, но дека преговорите не смеат да се одолговлечат.
Рекоа дека очекуваат работната група да почне да работи за седум дена и дека на првата средба ќе бараат дефинирање на рокови, односно работната група да си ја заврши својата работа за десет дена.
„Доколку не ги прифатат нашите барања, штрајкот ќе продолжи во поригорозен начин и нема да се работат никакви задачи во обвинителството. Ако не се договориме, очекуваме да ни се приклучат и колегите од судовите и колегите од правобранителството“ рекоа од УПОЗ.
Остануваат на своите барања за покачување на платите од 78 проценти и им порачуваат на надлежните институции сериозно да ја сфатат ситуацијата.
Македонија
Лидерите да им објаснат на граѓаните зошто се носи законот за амнестија, порача американската амбасадорка Агелер

Политичките лидери треба да им објаснат на граѓаните зошто се носи законот за амнестија, изјави американската амбасадорка, Анџела Агелер, одговарајќи на новинарски прашања.
Прашана како САД го коментира законот, амбасадорката рече дека нацрт законот е во парламентот и тоа е она што засега го знаат. Најважно за амбасадата на САД, вели Агелер, е процсот да помине низ транспарентно и правно, а граѓаните да знаат што се случува и зошто се носи таков закон, одсносно избраните лидери да ја објаснат улогата на законот.
Додаде дека САД одблиску ќе го следат процесот.
Агелер ги коментираше и уставните измени што треба да се донесат за почеток на преговорите со Европската Унија. Во таа насока, амбасадорката изјави дека многу е важно земјата да биде дел од ЕУ поради иднината на децата и оти секоја можност треба да се искористи.