Македонија
Димитров: Колку поголем успех ќе постигнеме, толку поголема ќе биде и мотивацијата за приклучување

Со едноминутен молк во знак на почит за жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, денеска во српското Народно собрание во Белград почна политичкиот панел од конференцијата „Отворен Балкан – Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“, на која онлајн обраќање имаше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, како претставник на Северна Македонија.
Дискусијата беше фокусирана на политичката димензија на оваа регионална иницијатива од аспект на придобивките изразени преку зголемена стабилност и просперитет. Вицепремиерот Димитров нагласи дека иницијативата „Отворен Балкан“ има изразена европска димензија и потенцијал да придонесе за придвижување на процесот.
„Надминувањето на економскиот јаз е многу важно во контекст на европската перспектива на регионот, реформските заложби насочени кон демократските принципи и почитување на владеењето на правото, не може да се интернализираат доколку не постои економски раст и социјален напредок. Ефектот на одложување и застој има силно влијание врз нашата внатрешна политика и го прави уште поголем предизвикот да се задржи европскиот курс. Токму затоа, оваа иницијатива е целосно комплементарна на европската визија, но е израз на политичка мудрост и разумност дека нашиот избор не е да чекаме и да не правиме ништо, туку, напротив, постои активност и подготвеност за придонес од наша страна и испорачување резултати. Областите што се предмет на оваа соработка се и наши обврски на патот кон ЕУ“, изјави Димитров.
Тој истакна дека „Отворен Балкан“ како механизам за регионална соработка е комплементарен и на другите иницијативи во рамките на Берлинскиот процес. Димитров истакна дека резултатите од соработката не треба да бидат ограничени на политичко зближување, туку на реални придобивки за граѓаните, а особено младите.
„Преку овие конкретни чекори за зближување, всушност, ги зајакнуваме добрососедските односи и ја унапредуваме состојбата во регионот бидејќи кога сме упатени едни на други, кога сме блиски, расте меѓусебната доверба, повеќе не се перципираме едни со други како закана, а со тоа се зацврстуваат и стабилноста и просперитетот. Меѓутоа, заложбите за зближување не треба да бидат ограничени на политичко ниво, туку најважно е да се инвестира во непосредните меѓучовечки односи и да се креираат можности, особено во однос на младите. Секогаш истакнувам дека ние сме во трка со времето, да го направиме овој регион европски за да си ги задржиме младите луѓе дома. Колку поголем успех ќе постигнеме, толку поголема ќе биде и мотивацијата за приклучување, а и одгласот на пораката дека заслужуваме европска иднина“, изјави Димитров.
Настанот беше организиран од Народното собрание на Република Србија, Српско-американскиот конгрес за пријателство и Источно-западниот мост, при што се обратија и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, заменик-помошникот секретар Габриел Ескобар, како и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама. Замени-помошникот секретар Ескобар истакна дека овој регион нуди многу можности за соработка и придонесува за стабилноста поради што е неопходно да се заокружи процесот за европска интеграција со полноправно членство на овие земји во Унијата како стратешка цел на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.