Македонија
Димитров копретседаваше со Заедничкиот мониторинг комитет со ЕК: Досегашното искуство да го искористиме како катализатор за придвижување
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска копретседаваше заедно со Михаела Матуела од ГД НЕАР надлежна за Северна Македонија и Албанија во Европската комисија, со годишниот состанок на Заедничкиот мониторинг комитет, како највисоко тело во рамки на користењето на ИПА-фондовите.
Со цел да се направи преглед на спроведувањето на средствата алоцирани преку ИПА, вицепремиерот Димитров нагласи дека наодите од Извештајот на ЕК за Северна Македонија ќе се користат како референтна точка за рационализирање и управување со реформите кои произлегуваат од европската агенда за да ги обезбедиме европските стандарди за нашите граѓани преку ЕУ-фондовите.
„Потребни ни се фокус и акција за досегашното искуство и предизвиците да ги искористиме како катализатор за да создадеме појасна слика за нашите следни чекори и да одиме одлучно напред. Искрениот, партнерски пристап и подобрувањето на координацијата во спроведувањето на ИПА се клучните предуслови за постигнување на заедничките цели“, рече Димитров.
Покрај прегледот на генералното спроведување на ИПА, на состанокот се дискутираа и конкретните проекти со посебен акцент на областите како заштита на животната средина, транспортната инфраструктура, кои бараат значителни инвестиции, како и регионалните политики и координацијата на структурните инструменти во рамки на Поглавјето 22.
Со оглед на потребата од воспоставена институционална рамка и соодветен административен капацитет за програмирање, спроведување, мониторинг и евалуација на фондовите, беа нагласени заложбите за унапредување на ИПА-структурата во националните институции. Воедно, беше разгледано и функционирањето на секторските мониторинг комитети како инклузивни механизми за насочување на политиките и програмите на секторско ниво.
На шестиот по ред состанок присуствуваа претставници од државните институции кои спроведуваат ИПА-фондови, претставници на Делегацијата на ЕУ, претставници на секторските работни групи и на донаторите кои се активни во земјата и граѓански организации. Претставниците на Европската комисија ја поздравија посветеноста за соодветно искористување на ИПА-средствата со цел постигнување суштински реформи во интерес на граѓаните.
Беа усвоени заеднички заклучоци кои ќе придонесат кон надминување на предизвиците и отворените прашања, при што Секретаријатот за европски прашања редовно ќе го следи исполнувањето на овие заклучоци и препораки во утврдените рокови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

