Македонија
Димитров на настанот „Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан“ со тинк-тенк претставници

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на тинк-тенк настанот на тема „Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан“ во организација на Прогрес-институтот за социјална демократија и во соработка со финската Фондација „Калеви Сорса“.
Димитров настапи на панелот посветен на идните сценарија за пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и се осврна на очекувањата на Република Северна Македонија за наредниот период по разочарувачкиот исход од Советот на ЕУ одржан во октомври. Образложи дека Северна Македонија останува посветена на реформските напори и одлучна да ги убеди земјите членки на ЕУ за што побрзо постигнување консензус за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија е во интерес не само за земјата и регионот туку и за самата ЕУ и за кредибилитетот на европската перспектива. Исто така, додаде дека во меѓувреме е добредојдена секоја идеја што ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни.
„Ако сакате да европеизирате еден регион што е географски во рамките на самата ЕУ и успешно да го комплетирате европскиот проект, немате луксуз да пропуштите да охрабрите европска енергија, реформи и култура на компромис во регион што е исклучително жеден и гладен за компромиси. Нашата драстичност го става под прашање кредибилитетот на политиките на ЕУ и оттука брзото донесување одлука за почеток на преговорите паралелно со квалитетно адресирање на грижите на одредени земји членки за самиот пристапен процес, е единствениот начин за победа и на наша страна и на страната на ЕУ“, истакна Димитров.
Настанот претставува прв обид за вмрежување тинк-тенк организации од Западен Балкан со цел создавање простор во кој нивните претставниците ќе може да ги споделат своите ставови и експертизата за разни теми, како и добрите пракси од нивното работење. На панелот заедно со Димитров настапија и Антон Ронхолм, специјален советник на Тути Тупураинен, министерка за европски прашања на Финска, Флоријан Бибер, професор на студиите за Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац, Австрија, и Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.