Македонија
Димитров: Не смееме да бидеме рамнодушни, нè чека многу до заокружување на членството во ЕУ
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека до добивањето на датумот за преговори со ЕУ биле донесени храбри политички одлуки, дека патот не бил едноставен, но и порача дека земјата треба напорно да работи на реформите до заокружување на целиот процес.
„Советот за општи работи на нивно на министри на ЕУ денес даде политичка согласност за заклучоците, кои се многу позитивни и охрабрувачки за нас. И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, цениме што ЕУ најде волја и време да оддаде признание за досега сработеното. РСМ по 15 години во чекалницата на ЕУ и по разочарувањата во јуни 2018 и јуни 2019 и во октомври истата година, конечно, го поминува прагот и ќе може да ја почне следната фаза на својот европски пат. Од сега и ние ќе имаме почетна точка од кога почнуваме да го мериме времето. Ќе имаме позитивен натпревар во спроведувањето на реформите и достигнувањето на европските стандарди. И доега, но и отсега па натаму уште повеќе зависи од нас самите. Конечно, земјата безусловно ги почнува преговорите за членство во ЕУ. Советот недвосмислено ќе потврди дека Северна Македонија остварила опипливи и одржливи реформски резултати. Советот ја поканува Комисијата веднаш да поднесе предлог-рамка за преговорите, како и да ја почне неопходната подготвителна работа. Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно побргу по завршување на преговарачката рамка. Советот ја повикува Комисијата да го дозаврши скрининг-процесот почнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности“, рече Димитров.
Тој им се заблагодари на граѓаните што не ја изгубиле вербата во европските вредности и порача дека сега државата ја чека многу работа за да го изоди преостанатиот дел од патот, односно до затворањето на поглавјата и, конечно, членство во ЕУ.
„Ја одработивме и ја заслуживме шансата. Изодивме тежок пат, во вонредни околности, кои моравме да ги поминеме и да направиме сè да излеземе од заробената држава. Го склучивме преспанскиот договор, ги усвоивме уставните амандмани. Не беше едноставно, но покажавме визија, разумност и политичка храброст. Сега е важно да ви се заблагодариме вам, на граѓаните, за непоколебливата верба. Исполнивме дел од заветот на нашите баби и дедовци и отвориме перспектива за нашите деца. Патот натаму нема да биде лесен ако ѝ се препуштиме на рамнодушноста. Повторно од нас ќе зависи како ќе го минуваме тој пат“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

